Забава Регион

Детска претстава на француски јазик изведена пред амбасадорот Бомгартнер

Францускиот амбасадор во Македонија, Н.Е. Сирил Бомгартнер, беше почесен гостин на вчерешната претстава „Бајка за бајките“, изведена на француски јазик од членовите на Драмската секција за деца при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија. Пред почетокот на претставата, во своето обраќање пред учениците и наставниците, како и пред родителите, амбасадорот Бомгартнер истакна:


             – Ви благодарам што во голем број сте присутни денес за да ја проследиме претставата за деца „Бајка за бајките“ во изведба на француски јазик. Драго ми е што повторно сум во Гевгелија, исполнувајќи го ветувањето од претходната моја посета на Гевгелија во рамки на серијата средби со професорите по француски јазик во основните и средните училишта за изучување на францускиот јазик. Ви се обраќам на сите ученици кои веќе го изучуваат и на сите оние кои и во иднина сакаат да го изучуваат францускиот јазик со една порака- вие младите сте утрешната генерација, односно генерацијата којашто по 20 години ќе не води, а ние ќе бидеме старци со бела брада и бастун. Ќе бидете: лекари, инженери, професори, правници, комерцијалисти, директори на претпријатија, претседател на државата, зошто да не, но фактот што вие ќе го зборувате францускиот јазик, ќе ви донесе, навистина, голема предност во професионалниот живот. Затоа што за дваесет години оваа земја во која ќе живеете, ќе биде полноправна членка на Европската Унија, а во рамки на ЕУ, познавањето на францускиот јазик е многу важна работа, поканувајќи ги сите заеднички да ја проследат претставата.


             На крајот од претставата, на дечињата актери, францускиот амбасадор Бомгартнер им подели подароци од Францускиот институт во Скопје, честитајќи им за прекрасната изведба на претставата.
             Дечињата од Драмската секција при Домот на културата „Македонија“- Гевгелија со нивните ментори- раководителката Катица Џишева Дупарова и професорката по француски јазик, Мирјана Чамџиќ, покажаа и докажаа дека театарската уметност не познава граници, а кога се работи континуирано и посветено, ниту еден јазик не може да биде пречка децата да го претстават својот талент во најдобро светло.

Препорачуваме:

Во пресрет на Светскиот ден на лицата со попреченост синоќа во Струмица се одржа „Убави сме, свои сме“

Ѓ. K.

Видео: „Еко фронт“ во Кулиш

Сузана Мицева

Ангеловска: 16.600 граѓани го добија повратот на ДДВ

Ване Трајков