Регион

Страчинарски игри во Мокриево-обновена вековната традиција на селото

Страчинарите во Мокриево ги навлекоа крзнените маски и почнаа да тропаат со тешките ѕвонци и да ги бркаат злите духови од селото. На традиционалниот карневал на Василица, им се придружија и карневалџии од повеќе градови во државата, но и од Бугарија.

„Ние сме Ратевски бамбурци и доаѓаме од ратево, општина Берово за да ги избркаме злите духови од ова село. И ние имаме карневал во Ратево на 20 јануари и ве покануваме сите“, изјавија учесници од Ратево.

„Јас сум вештер и ќе ги бркам духовите, знаете дека вештерите се страшни и од нив сите се плашат“, рече Цветко Багашовски, карневалџија од Струмица, кој 25 години изработува уникатни поединечни маски и со нив настапува на разни карневали.

Откако го пуштија страшниот звук и го најавија своето присуство во селото, ѕвонците ги наполнија со греена ракија и им дадоа од неа да пробаат на дечиња, стар обичај кој привлекува многу посетители.

„Тука доаѓаат многу семејства со своите дечиња, за да се напијат децата греена ракија од ѕвонците на страчинарите. Веруваат а имаме и докази дека е така, ако детето кое што има говорна маана се напие од ѕвонецот, за кратко време тоа ќе го подобри својот говор. Затоа има толку дечиња овде“, вели жител на селото Мокриево.

Според традицијата, страчинарската дружба завршува со голем заеднички ручек на сите учесници, кои по обичаите на Мокриево јадат качамак и домашни колбаси.

Живко Спасов кој е дел од организациониот одбор на Страчинарските игри во Мокриево, се радува што традицијата е обновена и се почитува од жителите. Тој учествуваше во подготовката на качамакот и суџуците, храна за ручекот со кој ќе се гостат по завршувањето на карневалот. Тоа е стар обичај, така правеле и страчинарите во минатото, сето она што ќе го собереле од селаните, таканаречена „просија“ ја приготвувале и правеле голем ручек.

Општина Ново Село смета дека оваа манифестација прераснува во бренд на подбеласичкиот крај и велат дека ќе се залагаат за нејзино афирмација.

„Јас како нов градоначалник ќе се трудам оваа прекрасна манифестација да стане масовна и уште попосетена, бидејќи е важна за жителите на оваа општина“, рече Боро Стојчев градоначалник на о.Ново Село

Препорачуваме:

Петмина мигранти фатени кај ГП „Богородица“

Mатурата да се полага во три сесии

Стојне Митева

Матурантите ги добија резултатите од државната матура

Ѓ. K.