Македонија

Пиперки од Македонија со токсичен пестицид откриени во Хрватска

Забранетиот опасен пестицид форметанат е откриен во пиперки од Македонија кои требало да бидат увезени во Хрватска, јавува Н1. Хрватските власти го пријавиле спорниот увоз во Европскиот систем за брзо предупредување за храна, додавајќи дека ризикот е сериозен.

Инаку, овој пестицид се смета за исклучиво ефикасен во производството на овошје и зеленчук и многу земји го користат до денешен ден, но е забранет на подрачјето на Европската Унија поради сомнежот дека може да влијае на човековото здравје.

Форметанат е високо акутно токсичен доколку во организмот влезе по орален пат, а умерено токсичен ако се вдише и има ниска акутна токсичност ако дојде во допир со кожа.

По акутна и хронична изложеност на форметанат кај стаорци се појавиле клинички знаци, како што се намалена телесна тежина, а кај кучиња претерано лачење на плунка, отежнато дишење, зарипнатост, повраќање, кашлање и слични знаци.

Од македонската Агенција за храна и ветеринарство го потврдуваат случајот, додавајќи дека од страна на хрватските власти бил забранет увоз на спорниот производ. Доколку пратката со небезбедните производи се врати во земјава, оваа агенција ќе издаде налог за нејзино нештетно уништување кое ќе се реализира под надзор на инспекциските служби на Агенцијата.

Препорачуваме:

Владата ја објави поддршката за домаќинствата за обновливи извори енергија

Ване Трајков

Парична награда за матичните лекари ако се вакцинираат 70% од нивните пациенти

Сузана Мицева

Понеделник, 2 мај, е неработен ден

Ване Трајков