Забава

Златни правила за сончање

Летото е периодот кога треба најмногу да се грижите за заштита на вашата кожа од безмилосните сончеви зраци. Сепак, тоа не значи да останете цело лето под сенка. Сè додека ги почитувате основните правила за сончањето, можете безбедно да се забавувате на плажа.

  1. Изберете крем чијшто заштитен фактор (SPF) е најмалку 15. Не излегувајте на сонце ако врз себе немате крем барем со заштитен фактор 15. Децата и повозрасните луѓе имаат почувствителна кожа и треба да користат крем барем со заштитен фактор 30. Новороденчињата помали од 6 месеци воопшто не треба да бидат изложени на директна сончева светлина. Користете крем со повисок заштитен фактор ако сте на поголема надморска висина, во место со тропска клима или со поголема влажност на воздухот. Исто така, потребно е да внимавате кремот да нуди заштита и од УВА и од УВБ зраците.
  2. Читајте ги етикетите. Супстанциите како цинк оксид и титаниум диоксид се ваши сојузници во заштитата од сонцето, па затоа избирајте кремови кои ги содржат нив. Избегнувајте кремови кои се парфимирани или кои во својот состав имаат супстанции што предизвикуваат алергии. Пред да ја премачкате целата вашата кожа со некој крем, прво нанесете мало количество на внатрешната страна на раката и почекајте да видите дали ќе се развие алергиска реакција. Ако нема видливи знаци на алергија, продолжете со употребата.
  3. Внимавајте на рокот на употреба. Скоро сите кремови за сончање имаат рок на употреба од 12 месеци. Тоа значи дека кремот од минатата година најверојатно нема да можете да го користите и ова лето.
  4. Премачкајте се со заштитен крем 30 минути пред изложување на сонце. За да си пружите максимална заштита, премачкајте се со крем 30 минути пред да излезете на сонце.
  5. Нанесете доволно крем, за да ја добиете посакуваната заштита. Најголем дел од луѓето нанесуваат 25-50% од препорачаното количество крем за сончање. Просечниот возрасен човек треба да го премачка своето тело со 30 милилитри крем (мала чаша за текила).
  6. Не ги заборавајте вратот, ушите, скалпот и усните. Многумина ги забораваат врвовите на ушите и скалпот кога се заштитуваат со крем. За да го заштитите скалпот, најдобро е да користите спреј за сончање. На вратот, како и на лицето и рамената, секогаш треба да нанесувате повеќе крем, затоа што тие се најизложени на сонце. Усните заштитете ги со помош на балсам со заштитен фактор.
  7. Повторувајте го премачкувањето на секои 2 часа. Експертите препорачуваат да се обновува слојот на заштитен крем на секои 2 часа. Но, ако во тој период практикувате активност која предизвикува значително потење или пак се забавувате во водата, тогаш е потребно почесто да нанесувате од кремот.
  8. Користете крем и кога е сончево и кога е облачно. Облаците на небото не се препрека за УВ-зраците. Дури и да не е сончево, треба да користите заштитен крем на плажа!
  9. Избегнувајте го сончањето од 10 наутро до 16 часот попладне. Тогаш сонцето е најсилно, а штетата што ја прави врз кожата – најголема.
  10. Зголемувајте го постепено престојот на сонце. Колку и да сакате брзо да добиете темен тен, не треба да правите грешка и да се „печете“ цело време на сонце уште при првата посета на плажа. Првиот ден излезете само 10 минути на сонце, а потоа постепено зголемувајте го времето за сончање секој ден. Така ќе добиете убав тен и ќе ги избегнете непријатните изгореници од сонцето.
  11. Користете очила за сонце. И очите ќе го почувствуваат штетното влијание на сонцето ако не ги заштитите. Носете очила кои нудат заштита од УВ-зраците.
  12. Облечете се за дополнителна заштита. Навистина облеката нуди заштита од сонцето, но имајте на ум дека облеката не е доволна. Сончевите зраци можат лесно да продрат низ светлите проѕирни материјали и да достигнат до вашата кожа. Ако користите облека за заштита, тогаш избирајте материјали со темна боја и кои не се проѕирни. Памучната широка облека е најдобар избор, затоа што ѝ дава простор на кожата да дише. Не заборавајте со себе да понесете капа или шешир. Не само што ќе бидете модерни, туку и ќе го заштитите вашето лице и вашата коса.

Применувајќи ги овие правила ќе можете побезбедно да му се насладите на летното сонце. Заштитете се и уживајте!

Препорачуваме:

Карневализацијата и смеата како суштина

Сузана Мицева

Британците бесни на Меган и Хари

Сузана Мицева

Магично видео на детската градинка Струмица: Кошулката на Видек

Сузана Мицева