Регион

Возачот којшто ја прегази и усмрти Викторија од Радовиш призна вина за несреќата

Возачот Јордан Ѓоргиев кој ја стори сообраќајката кај „Сити мол“, а во која Викторија Николова од Радовиш го загуби животот, призна вина. Тој пред судијката Љубинка Башевска кажа дека се чувствува виновен. Нему му се суди за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

„Се чувствувам виновен, многу се каам. Свесно го давам признанието. Никој не ме уценувал. Јасно ми е дека ќе следи санкција, дека ќе ги платам трошоците за постапката, како и имотно-правните побарувања“, кажа Ѓоргиев.

Адвокатот Душко Јанковиќ, кој го застапува возачот Јордан Ѓоргиев, предложи да не се изведуваат докази за сообраќајката, туку само оние кои се важни за одредување на висината на казната. Судијката Љубинка Башевска тоа го прифати, бидејќи обвинетиот призна вина.

Владимир Михајловиќ,  адвокатот на семејството Николови, кажа дека нема да бара имотно-правни побарувања бидејќи тоа ќе го оствареле преку осигурителна компанија.

Адвокатката Билјана Андонова, која го застапува Леонид Даов, момче на починатата Викторија, кажа дека ќе бара имотно-правно побарување.

„Најавувам имотно-правно побарување во име на оштетениот. Бараме од судот за остварување на имотно-правно побарување во граѓански спор“, кажа Андонова.

Обвинението за Јордан Ѓоргиев го поднесе скопското обвинителство по сообраќајката на раскрсницата кај „Сити мол“. Според обвинението, тој возел со брзина од 67,3 километри на час, што е за 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, не застанал иако видел дека има пешаци и ја прегазил Викторија, заедно со нејзиното момче Леонид, кој имаше полесни повреди.

Препорачуваме:

Инсектите се многу активни на високи температури, велат агрономите

Dimitar Micev

Без пракса, нема квалитетен кадар во стручното образование

Струмица носи Стратегија за подобар живот на граѓаните

Ване Трајков