Забава Свет

Њујорк буквално тоне под сопствената тежина и тоа не може да се запре

Ако Њујорк никогаш не спие, има уште една причина за непроспиени ноќи – градот тоне. Новото истражување покажа дека Големото јаболко постепено тоне, делумно поради тежината на облакодерите кои ја сочинуваат неговата позната бетонска џунгла. Во една статија објавена овој месец во списанието Earth’s Future (Иднината на Земјата), експертите се обидоа да проценат како огромната градска инфраструктура влијае на слегнување на земјиштето.

Геолозите пресметале дека повеќе од еден милион згради во Њујорк заедно создаваат маса од 762 милиони тони притисок на земјата. Експертите заклучија дека затоа американската финансиска престолнина тоне со просечна стапка од еден до два милиметри годишно. Некои делови од градот изградени на помеки карпи или на вештачки насипи тонат и до четири и пол милиметри годишно.

Решение – нема

Но, намалувањето на бројот на облакодери нема да го реши проблемот, изјави водечкиот автор на студијата Том Парсонс за АФП. „Примарната причина за слегнувањето во Њујорк и долж поголемиот дел од Источниот брег на САД е тектонска и не може да се запре“, рече геофизичарот од Геолошкиот институт на САД.

Слегнувањето на земјиштето ќе го влоши влијанието на порастот на нивото на морето предизвикано од затоплувањето и топењето на глечерите. Организацијата Sea Level Rise вели дека нивото на водата околу Њујорк е за 22,5 сантиметри повисоко отколку во 1950 година. Градските власти предвидуваат дека околните води до 2050 година би можеле да се искачат до 75 сантиметри.

Државата Њујорк троши милијарди долари за изградба на морски ѕидови, подигање патишта и подобрување на одводот за да се ублажат ризиците. Но, ниските области веќе го поднесоа товарот на разорните поплави предизвикани од поинтензивните бури.

Ураганот Сенди во 2012 година уби повеќе од 40 њујорчани, уништи околу 300 домови и остави десетици илјади луѓе без електрична енергија. Ураганот Ајда во 2021 година однесе повеќе од 10 животи во градот, а многумина не успеаја да побегнат од поплавените подруми.

Делови од Њујорк ќе завршат под вода, а кога – не се знае

Парсонс рече дека е невозможно да се каже кога делови од Њујорк ќе бидат под вода, но тој вели дека тоа ќе се случи. „Премногу е тешко да се предвиди дури и приближно време. Стапката со која градот тоне е релативно стабилна, но прогнозите за пораст на нивото на морето се неизвесни и зависат од идните стапки на емисии на стакленички гасови“, рече тој за АФП.

Њујорк не е единствениот голем град во светот што тоне. Слегнувањето на копното и зголемувањето на нивото на морето предизвикуваат стравувања дека Венеција еден ден може целосно да потоне. А Џакарта тоне со толку алармантна брзина поради прекумерното вадење на подземните води што доведе до одлука на Индонезија да го пресели својот главен град.

Препорачуваме:

Аргентинската потпретседателка за влакно избегна атентат

Сопругата и ќерката на премиерот на Либан повредени во експлозијата

Сузана Мицева

Камерон Дијаз се повлекува од Холивуд

Dimitar Micev