• Thu. May 23rd, 2024

Во 2023 фокус на водостопанските инвестиции за што се одвоени 885 милиони денари соопшти МЗШВ

ByВане Трајков

Dec 13, 2022

Третиот столб на земјоделскиот буџет за 2023 е силно насочен кон капиталните водостопански инвестиции. Нема стабилно земјоделство без доволно вода. Најголемата сума од буџетот на министерството во износ од 884,9 милиони денари е наменета за Управата за водостопанство. Со овие средства и во 2023 ќе продолжат започнатите капитални водостопански проекти.

Во првиот квартал ќе заврши изградбата на браната Конско. Тоа е најголем капитален проект за водоснабдување во последните 50 години. Изградбата на оваа брана започна во јуни 2018 година. Вкупната инвестиција е 40 милиони евра, обезбедени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Програмата за рурален развој. Оваа вештачка акумулација е дел од хидросистемот „Гевгелиско поле” и нејзиното пуштање во употреба ќе значи навремено обезбедување на вода за наводнување за нови 4.000 хектари земјоделски површини, во гевгелиско-валандовскиот регион.

Во 2023 година продолжува изградбата  на Брана Речани со која што ќе се обезбеди снабдување со вода за пиење за 80.000 жители и наводнување на кочанското поле, а преку две мали хидроцентрали ќе се произведува и електрична енергија. Вредноста на инвестицијата е 30 милиони евра.

Со новиот предлог Буџет, во 2023 година ќе се заврши и изградбата на ХС Равен – Речица на износ од 15 милиони евра кој почна со изградба во 2018 година, од оваа акумулација, која опфаќа површина од 3920 хектари, ќе се наводнува земјоделската површина која се протега од десната – горната страна на автопатот Тетово – Гостивар до подножјето на Шар Планина. Покрај оваа земјоделска површина, со овој систем за наводнување ќе се опфати и дополнителна нето површина која се наоѓа под автопатот Тетово – Гостивар, и ќе се наводнуваат 3300 хектари земјоделска површина во општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово. Со силно темпо тече и Програмата за наводнување на Северна Македонија, која вклучува изградба на четири системи за наводнување во рамки на речниот слив на Река Вардар (ХС Лисиче, Конско, Пепелиште и Јужен Вардар – трета фаза), финансиран со заем од KFW и буџетско учество. Исто така во 2023 година по комплетирање на документацијата и непходните дозволи ќе почне големиот капитален проект со буџет од 22 милиони евра а тоа е изградба на браната на река Слупчанска. Како најава за градба на следен огромен капитален проект е и брана Вакуф, близу Кратово за која во 2023 година ќе се направи и физибилити студија а потоа и проектна документација за распишување на овој капитален проект.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *