Македонија

Договорите за хидроелектраните во Жировница ќе се раскинуваат спогодбено

Проблемот со малите хидроелектрани е што се градат во недопрена природа, а за одвивање на градежните активности се сечат дрвја и се пробива пат. На многу места има остатоци од градежен материјал. Оставениот мал проток на водата го загрозува живиот свет, како во реката, така и надвор од неа, бидејќи така се намалува и водата за дивите животни и стоката.

hidroelektrani

Некои од хидроцентралите се или биле планирани на извори од кои населението добива вода. Таков е примерот во Жировница, во Националниот парк Маврово, каде населението од 2018 се бори против изградбата на хидроцентрали.

„Таму има пресушување. И нема да биде профитабилна таа хидроцентрала. Но, субвенционирањето е преголемо за нив, отколку што е профитабилноста во хидроцентралите“, вели Аднан Салију, претседател на месната заедница во село Жировница, кого го прашавме дали во селото се знае кој треба да инвестира?

Adnan Saliu

„Знаеме. Како не. Хидроген Енерџи Груп. Тој е брат на бивши вицепремиер на државава. На Анѓушев. Што сакал да направи? Инвестиција од 5.000.000 се спомнуваше цело време. Ама инвестицијава е во бетони. Не е во вработување. Значи, во уништување на цела природа – комплет. И, сега ние да си правиме бајки, да си кажуваме дека: еј бркате, така не обвинуваа, бркате инвеститори! Кои инвеститори? Тој не отвори фабрика за 200 души да вработи“, нагласува Салију.

Во Жировница се среќни што хидроцентралите досега не се изградени, но ги плаши тоа што немаат информации што ќе се случува со двете планирани мали хидроелектрани. Во Министерството за животна средина нѐ информираа дека се во фаза на спогодување за раскинување на договорите за малите хидроелектрани во Жировница.

Врски меѓу инвеститорите и владата

Во германската фондација „ЕуроНатур“ велат дека е фрустрирачки тоа што досега не се раскинати договорите за мали хидроцентрали во јадрото на центарот за размножување на рисот на Балканот.

Gabriel Svaderer

„Тоа би можело да се направи доколку има доволно политичка волја. Но, најверојатно, има врски меѓу оние кои би имале корист од малите хидроцентрали во Маврово и оние кои се во владата. И да, ова е… Ние го критикувавме ова и тоа од наша гледна точка не помага за пристапната перспектива на Северна Македонија во Европската Унија. Бидејќи очигледно тоа е еден вид на клиентелистички пристап и да, ова не е компатибилно со законодавството и правото на ЕУ“, нагласува Габриел Швадерер, директор на германската фондација „ЕуроНатур“.

„Жалам, уште еднаш, жалам што во Македонија, а сум во контакт со доста, доста коишто имаат ист проблем… Ги жалам. Само, ова е една… Не знам како да се изјаснам. Грубо не би требало… Најурбана мафија што постои во светот. Не го засега дали на населениево ќе му пресуши изворот за напојување. Дали ќе се соочи со не знам какви проблеми, само да дојде до профитабилност“, вели Аднан Салију, претседател на месната заедница во село Жировница.

Adnan Saliu

Пред добивањето на дозволите, концесионерите мора да достават анализи за влијанието на нивната градба и работа врз животната средина. Но, законот им остава простор за два вида и полесно добивање на дозволите.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

Овој текст и документарниот филм „Синото срце“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.

Препорачуваме:

Османи се сретна со министерот за надворешни работи на Јордан

МЗШВ: Поддршка во модернизација на земјоделските стопанства – Потпишани 24 договори за набавка на силоси

Денеска е Велигден

Сузана Мицева