• Sat. May 18th, 2024

2 милиони евра грант за набавка на фотоволтаични системи за 35 општини

Градинки, училишта, општински згради и други јавни објекти во општините, ќе можат самите да произведуваат струја преку фотонапонски системи, кои ќе им бидат доделени преку Проектот за подобрување на општински услуги на Министерството за финансии. Станува збор за 2 милиони евра грант средства преку ИПА компонентата на Европската унија, кои ќе бидат наменети за набавка на фотоволтаични системи за јавни објекти.

Грантот е наменет за 35 општини во четири региони со најнизок БДП по глава на жител. На барање на Министерството за финансии општините ќе треба да ги идентификуваат објектите кај кои ќе биде најкорисно да се инсталираат вакви системи.

Со набавката на фотонапонските системи ќе се направат значајни заштеди за струја кај овие јавни објекти, со што ќе се намалат трошоците на општините. Едновремено со овој проект ќе се зголеми и бројот на користени обновливи извори на енергија согласно стратешките напори на Владата за поттикнување на користење на обновливи извори на енергија и заштита на животната средина.

На барање на Владата, Европската Унија (ЕУ) се согласи да обезбеди 15,5 милиони евра за развој на руралната инфраструктура. Вкупниот износ на програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата изнесува 20,7 милиони евра. Програмата ја имплементира Министерството за финансии, а истата е администрирана од страна на Светска банка како посебен сегмент за ИПА рурални инвестиции во рамките на Проектот за подобрување на општинските услуги. Овие средства на општините им се доделуваат во форма на грантови и истите треба да придонесат за подобрување на инфраструктурата во руралните средини.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *