Македонија

Спасовски: Упативме предлог Собранието или Претседателот на државата да прогласат вонредна состојба

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, во придружба на заменичката на Претседателот и министерка за одбрана – Радмила Шекеринска, заменичката на Претседателот, задолжена за економски прашања – Мила Царовска, Заменик на Претседателот, задолжен за европски прашања – Бујар Османи,и министерот за здравство д-р Венко Филипче, одржа прес конференција на која информираше за одлуката на Владата да му предложи на Собранието на Република Северна Македонија воведување вонредна состојба, односно прогласување на оваа мерка согласно Уставот.

Во продолжение на ова интервју ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Оливер Спасовски во Медија центарот во Владата во целост:

Вонредната ситуација, исклучително вонредната и сериозна ситуација пред која сме исправени со заканите од корона вирусот по јавното здравје, по здравјето на луѓето и по нашата економија – наложуваат вонредни мерки! Ова е вонредна ситуација и затоа е потребна вонредна состојба!

Владата на Република Северна Македонија веќе нема ниту најмала дилема.

Затоа на денешната седница донесовме одлука да предложиме воведување вонредна состојба на територијата на целата наша држава. Сега и веднаш.

Мерките што до сега се носеа ги дадоа очекуваните резултати, но тие мерки сега е неопходно да се надополнат, заострат и радикализираат со воведување вонредна состојба за да спречиме голем пик на корона вирусот во кратко време.

Убедени сме дека таквата ескалација можеме да ја спречиме со воведување вонредна состојба на целата територија на Република Северна Македонија.

Заканата од масовно ширење на вирусот бара радикални мерки.

Затоа, денеска Владата одржа седница и донесе Одлука да му предложи на Собранието на Република Северна Македонија да прогласи вонредна состојба.

Упатуваме апел Собранието да се свика и да ја донесе оваа одлука.

Собранието е распуштено, но постои уставна одредба дека Претседателот на Република Северна Македонија има овластување да прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена.

Уставна и правна основа постои и само треба силна волја и висока одговорност на сите политички субјекти да ја прифатат оваа реалност и да овозможат и институционална рамка за функционална вонредна состојба.

Ова ќе биде за прв пат да се воведе ваква мерка во историјата на нашата држава.

Ништо веќе не е исто. Животот радикално се промени, како кај нас, така и во целиот свет. Потребно е секој од нас да се прилагоди на вонредноста и да преземе крајно одговорно однесување. Секој еден граѓанин и секој еден субјект е повикан. Ако сакаме да си ја заштитиме нацијата сите мораме да се однесуваме вонредно.

Политикантсвото да се остави за некои други нормални времиња. Сега е време исклучиво за справување со вирусот и ништо друго. За животите на нашите граѓани сѐ работи.

Затоа, сите да се кренеме на висината на задачата и ќе ја совладаме оваа ситуација. Ја прифативме најсериозно заканата и подготвивме многу мерки и донесовме одлуки за кои добивме и признанија, но имаме и резултати.

Ќе ја совладаме заканата и заедно ќе излеземе посилни.

За да успееме, сега и веднаш треба да се преземе овој голем, значаен, исклучително важен чекор.

Воведување на оваа состојба не значи дека по автоматизам ќе се воведат рестрикции на слободите и движењето на граѓаните. Доколку дојде до нови рестрикции и мерки, тие одлуки ќе се носат на дневно ниво, како и до сега, за што граѓаните редовно ќе ги информираме.

Вонредната состојба само и дава можности на Владата и се создаваат услови за брзо и ефикасно спроведување на мерките за превенција и заштита  на здравствената состојба на граѓаните. За заштита и одбрана на нашето општество, на нашата економија.

Само со вонредна состојба Владата ќе може да дејствува непречено во борбата со вирусот.

Само со вонредна состојба Владата ќе може да спроведува мерки за спас на економијата и за помош на погодените граѓани и компании.

Се создаваат услови сите кои учествуваат во борбата против овој вирус: здравствените работници, полициските службеници, припадниците на армијата, службениците, институциите, Владата, успешно да ги остваруваат нивните професионални задачи во справувањето со оваа хуманитарна криза.

Апелирам повторно: Сите, сериозно, најсериозно, да ја сфатат ситуацијата и доследно да ги почитуваат сите мерки и препораки од Владата. Со тоа сите вие, секој од вас, станувате значаен фактор во борбата за спречување на ширењето на вирусот.

Државните институции работат во полн капацитет, непрекинато максимално посветени и несебично се ангажираат да продолжат да ја држат ситуацијата под контрола.

Бидете уверени дека имаме капацитети во институциите.

Тука сме да им служиме на граѓаните, да покажеме одговорност, да го заштитиме здравјето на граѓаните, да си ја заштитиме државата.

Предлагаме воведување на вонредна состојба во државата веднаш, но истовремено остануваме во комуникација со нашите пријатели во ЕУ, НАТО и во регионот за градење заеднички мерки и капацитети за справување со оваа сериозна хуманитарна криза.

Северна Македонија е одлучна да придонесе за заеднички пристап во соработката со партнерите, институциите и агенциите на НАТО и ЕУ.

Ќе направиме сè што треба за да го вратиме безбедното секојдневие на граѓаните од нашата земја.

Посакуваме сите да бидеме одговорни, ефикасни, и што е можно за пократко време да излеземе победници во целата оваа ситуација. 

 

 

 

Препорачуваме:

ТАВ го пречека првиот комерцијален лет на GullivAir од Софија на скопскиот аеродром

Колоните се долги, патниците се нервозни: На „Богородица“ се чека по 90 минути, уште толку за грчката граница

Ѓ. K.

Потпишан договор за изградба на спомен обележјето на Тоше Проески во Крушево

Сузана Мицева