Регион

Присилно раселени над 68 милиони луѓе во 2017, нов глобален договор за бегалци е од критична важност

Војните, другите видови насилство и прогонот, во 2017 по петти пат по ред го одведоа присилното раселување во светот до нови височини, предводено од кризата во Демократската Република Конго, војната во Јужен Судан, и бегството во Бангладеш од Мјанмар на стотици илјади Рохинга бегалци. Најпогодени се претежно државите во развој.
Во својот годишен извештај Глобални трендови, објавен денес, УНХЦР, Агенцијата за бегалци на ОН вели дека 68,5 милиони луѓе биле раселени на крајот на 2017 година. Меѓу нив има 16,2 милиони луѓе кои биле раселени во текот на 2017, без разлика дали за првпат или одново – што е индикатор за огромен број луѓе во движење и еквивалентно на 44,500 луѓе раселени секој ден, односно на едно раселено лице на секои две секунди.
Бегалците кои побегнале од своите држави за да избегнат конфликт и прогон претставуваат 25,4 милиони од вкупните 68,5 милиони луѓе. Ова е за 2,9 милиони луѓе повеќе во споредба со 2016, исто така најголем пораст кој УНХЦР го има забележано во една година. Барателите на азил, кои на 31 декември 2017 сѐ уште биле во исчекување на исходот од своите барања за статус на бегалец, во меѓувреме пораснале за околу 300,000, на 3,1 милиони. Лицата раселени во рамки на сопствените држави претставуваат 40 милиони од вкупниот број, за нијанса помалку од 40,3 милиони во 2016 година.
На кратко, светот имал повеќе бегалци во 2017 од вкупното население на Австралија. Имало речиси исто толку присилно раселени лица колку населението на Тајланд. Низ сите држави, едно на 110 лица е раселено лице.
„Се наоѓаме на пресвртница, каде што успехот во управување со присилното раселување во светот бара нов и многу посеопфатен пристап, за земјите и заедниците да не бидат оставени сами да се справуваат со него,“ изјави Високиот комесар за бегалци на ОН Филипо Гранди. „Но, има причина да се надеваме. Четиринаесет држави веќе се предводници во нов план за одговарање на ситуации со бегалци, и во прашање се месеци пред новиот Глобален договор за бегалци да биде подготвен за усвојување од страна на Генералното собрание на Обединетите нации. Денес, во очи на Светскиот ден на бегалци, мојата порака до земјите-членки е ве замолувам за поддршка. Никој не станува бегалец по сопствен избор, но ние останатите можеме да имаме избор за тоа како ќе помогнеме.“

Извештајот Глобални трендови на УНХЦР секоја година се објавува во светски рамки пред Светскиот ден на бегалците (20 јуни) и го следи присилното раселување врз основа на податоци собрани од УНХЦР, владите и други партнери. Тој не ја анализира глобалната клима во однос на азилот, за која УНХЦР објавува одделни извештаи, и кај која во 2017 година продолжија да се јавуваат инциденти на присилни враќања, политизација и жртвување на бегалците, нивно затворање или оневозможување на пристап до работа, како и неколку држави кои дури и приговараа на употребата на зборот „бегалец“.
Во секој случај, извештајот Глобални трендови нуди доста увиди, вклучително во некои случаи и споредба на перципираната наспроти објективната реалност околу присилното раселување, и како истите понекогаш можеби се спротивставени.
Меѓу нив е и ставот дека раселените низ светот главно се наоѓаат во државите од глобалниот север. Податоците покажуваат дека спротивното е точно – цели 85 проценти од бегалците се во држави во развој, од кои голем дел се очајно сиромашни и добиваат малку поддршка во грижата за овие населенија. Четири од пет бегалци остануваат во непосредните соседни држави на земјата на потекло.
Раселеноста преку границите е исто така помалку вообичаена од она што го налага бројот од 68 милиони глобално раселени лица. Речиси две третини од оние кои се присилени да бегаат се внатрешно раселени лица кои не ги напуштиле своите држави. Од 25,4 милиони бегалци, нешто повеќе од една петина се Палестинци под грижата на UNRWA. Од останатите бегалци, за кои е одговорен УНХЦР, две третини доаѓаат од само пет држави: Сирија, Авганистан, Јужен Судан, Мјанмар и Сомалија. Крај на конфликтите во која било од овие држави има потенцијал значително да влијае на пошироката слика за глобална раселеност.
Два други наода од извештајот Глобални трендови се дека повеќето од бегалците живеат во урбани средини (58 проценти), а не во кампови или во рурални средини; и дека глобалното раселено население е младо – 53 проценти се деца, вклучително и многумина кои се непридружувани или разделени од своите семејства.
Како што е тоа случај со бројот на државите кои создаваат голем број раселени лица, бројот на државите кои се домаќини на големи броеви бегалци е исто така мал: Турција останува водечката држава-домаќин за бегалци во смисла на апсолутни броеви со население од 3,5 милиони бегалци, главно Сиријци. Во меѓувреме, Либан била домаќин на најголем број бегалци во однос со своето население. Сè на сè, 63 проценти од сите бегалци под одговорност на УНХЦР беа во само 10 држави.
За жал, останува недостатокот од решенија за сето ова. Војните и конфликтите и понатаму се најголемите фактори зад трендовите, со малку видлив напредок кон мир. Околу пет милиони луѓе биле во можност да се вратат во своите домови во 2017 година, од кои најголем дел се вратиле од внатрешна раселеност, но меѓу нив има и лица кои се вратиле под присила или во нестабилни контексти. Поради пад во бројот на понудени места за преселување, бројот на преселени бегалци се намали за преку 40 проценти, на околу 100,000 лица.

Препорачуваме:

„Црвен крст“ – Струмица ја почна акцијата за финансиска поддршка на ранливо население

„Окото“ на градот, Сречко Гунчев, заминува во пензија

Сузана Мицева

Видео – Дождот ќе донесе болести кај градинарството, земјоделците стравуваат,