Свет

Почина докторот што го исклучи Тито од апаратот: „ЕКГ покажуваше рамна линија, а ние цели 10 -15 минути стоевме во тишина“

Лекарот Предраг Лалевиќ, хирург и анестезиолог кој на 4 мај 1980 година ги исклучи апаратите на претседателот на СФРЈ Јосип Броз Тито, умре во 92 година, објавија денеска српските медиуми.

Доктор Лалевиќ цели 16 години бил личен лекар на Тито и го следел на 106 патувања во странство, а со него ги поминал и последните денови од животот, на клиниката во Љубљана.

Јосип Броз Тито 68 дена бил на апарати, а храна и лекови добивал преку инфузија.

Доктор Лалевиќ бил основач на првиот самостоен Отсек за анестезиологија при болницата „Др. Драгиша Мишовиќ“, како и на првата југословенска школа за анестезија, со која дотогаш се бавеле главно медицинските сестри и техничари.

Лалевиќ како млад лекар се усовршувал на познатата американска клиника Мајо, како и на универзитетот во Копенхаген.

Во едно интервју, доктор Лалевиќ раскажал дека смртта на Тито ја доживеал како пораз, како што еден лекар ја доживува смртта на пациентот. Без разлика што бил неизлечиво болен, со колегите вложувале натчовечките напори во грижата за претседателот, понекогаш дежурејќи и по 21 час, значи со по два – три часа спиење.

Освен труењето со храна во Египет во 1964 и воспалението на белите дробови на Тито година дена подоцна во Бугарија, 16 годишната грижа на доктор Лалевиќ за Тито, поминала главно без проблеми.

„Сепак, последните четири месеци од животот и лекувањето во Љубљана дебело ја платив повеќегодишната привилегија на удобни патувања. За мене, кој се мачев со хиперфункција на тероидната желзда, беше навистина исцрпувачки штоработниот ден ми траеше најмалку 16, а понекогаш и 40 часа. Ми требаа шест месеци по смртта на претседателот за целосно да закрепнам,“ изјави во една прилика Лалевиќ.

Тито 25 години боледувал од дијабетес. Пред да ја извршат ампутацијата на ногата на Тито, политичарот Стане Долац им рекол: „Ние знаеме дека ситуацијата е тешка, знаеме дека може да умре пред да почне ампутацијата, но да знаете, јас ви гарантирам дека нема човек што би го впреил прстот во вас.“

Еднаш, Лалевиќ ја опишал Титовата смрт: „Бевме собрани сите лекари кога Тито почина. И сите сестри кои што го негуваа. Стоевме мирно, во тишина десет до петнаесет минути. ЕКГ покажуваше рамна линија, респираторот и понатаму работеше… Срцето дефинитивно престана да работи. Го погледнав професорот Брецелја, тој само ми кимна со главата и јас ги исклучив апаратите. Останавме уште пет – десет минути во целосна тишина и отидовме да го пишуваме извештајот.“

 

 

Препорачуваме:

Шпанија ќе отплаќа хипотеки на околу еден милион домаќинства

Сузана Мицева

Грција со 650 милиони евра ќе ги помага граѓаните поради поскапената храна

Сузана Мицева

СЗО: Ова нема да биде последна пандемија

Сузана Мицева