Регион

Во Струмица ќе бидат промовирани книгите „Неправилен ритам“ и „Радио“ на Љупчо Јолевски

На 21.11.2023 година со почеток од 19:00 часот во Europe House Струмица ќе бидат промовирани книгите „Неправилен ритам“ и „Радио“ на Љупчо Јолевски.

Учесници на настанот се: Ана Стојаноска (писателка и театролог), Добрила Грашеска (музичарка), Мирна Трпкова (музичарка), отец Теофан и Никола Пијанманов (ликовен уметник).

„Љупчо Јолевски е новинар кој длабински сондира во културниот хумус на нашата земја. Будно следејќи сè што се случува на уметничката сцена (музика, театар, книжевност, филм, визуелна уметност) Јолевски со своето перо остава неизбришливи траги, документи, историја која не само што е дел од информирањето на културната јавност, библиографските единици на институции или професионалци, туку е и суштинска база за истражувања и сознанија кои се клучни за проучување на настани, периоди, правци, уметници во блиската или подалечна иднина, своевидни артефакти без кои какво било академско пообемно проникнување е невозможно“.
– Ана Франговска (историчарка на уметноста)

Љупчо Јолевски професионалната новинарска кариера ја започнал во почетокот на 1980-те во весникот на младите на Македонија – „Млад борец“. Безмалку едновремено со почетокот од Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Најнапред бил соработник, потем и новинар и уредник на културната рубрика во Редакцијата. Паралелно соработувал во Македонската радио телевизија, на почеток во младинските емисии на Втората програма во Радиото, а потоа како автор и водител на музичко-забавната емисија ВИДЕОМЕТРОНОМ и на контактната НЕДЕЛНО ПОПЛАДНЕ.

Една деценија подоцна, во 1990-те се префрла во Втората програма на Македонското радио, каде бил новинар и водител на неколку контактни и музички емисии, за да од 1995 година покрај редовните програмски обврски, цели четири години биде уредник – координатор на култната Стотројка (Музичкото радио – Канал 103), која во тој период за своите програмски дострели ја добива и Годишната награда на МРТВ. Истото ова признание што го доделуваше МРТВ Љупчо Јолевски, како новинар и уредник, ќе го добие во 1998 година.

Во таа декада и половина, тој со своите текстови бил присутен во ревијата Екран, изданијата на Детска радост – посебно НАШ СВЕТ, во НОВА МАКЕДОНИЈА (соработник на Оливер Белопета во подготовката на саботната Музичката страница), магазините „Рок“, „Време – забаве“, „Македонсковреме“, „Град“…
На почетокот на новиот милениум Јолевски од МРТВ заминува во Телевизија Скопје (подоцна Алфа) и неделникот „Старт“. Од таму, патот го води во ДНЕВНИК, каде скоро четири години бил новинар и уредник на Забавната рабрика. Потем исто толку време поминал во новооснованиот дневен весник ВРЕМЕ и во наредните три години бил задолжен за екипата новинари од оваа област во НОВА МАКЕДОНИЈА.
Паралелно, цели деценија и половина ја водел сопствената музичка авантура „Скопје, Париз – Тексас“ на РАДИО РАВЕЛ, бил уредник и на македонскиот месечник за култура LIFE MAGAZIN, соработувал во подготовката на единици за македонската музика во Светската музичка енциклопедија и на делот за Македонија и нејзината современа музика во енциклопедиското издание на МУЗИКА, оригинално објавено во Велика Британија и потем преведено во балканските земји од белградска „Просвета“. Речиси од самото основање на Радио Слободна Европа на македонски јазик и се до пензионирањето (октомври 2022 година), Љупчо Јолевски беше новинар и дописник на овој светски медиум.

Инаку, Љупчо Јолевски има објавено две книги „Радио“ и „Неправилен ритам – Приказни од современата македонска музичка сцена“ и за својата долгогодишна работа во новинарството минатата година ја доби наградата „13 ноември“ што ја доделува Град Скопје.

Препорачуваме:

Ќе се асфалтира уште еден километар од патот Чанаклија Нова маала

Претреси во Радовиш и Струмица, запленети над 5000 пиротехнички средства, приведени три лица

Ване Трајков

Приведен 25-годишен струмичанец во Кавадарци, крадел од 72-годишен старец

Ѓ. K.