• Tue. May 14th, 2024

Струмица има недостиг на кадар во повеќе области

Понекогаш младите не се доволно свесни за својата иднина. Се одлучуваат да студираат било што со надеж дека еден ден дипломата ќе им донесе работа. Но, секогаш не е така. Има многу професии од кои пазарот на труд е презаситен па дипломираните чекаат повеќе години за работа, а има и занимања кои се јавуваат како дефицитарни. Струмица има недостиг на кадар во повеќе области. Најбарани се архитекти, инженери, фармацевти, професори по одредени наставни предмети но и шивачи и заварувачи. Ова се само дел од занимањата кои според Центарот за вработување се барани струки на пазарот на труд.

Од Агенцијата за вработување апелираат до сите идни студенти кои сеуште не одлучиле што ќе студираат, да дојдат до подрачните канцеларии на Центарот за вработување и да побараат кои струки и профили недостасуваат на пазарот на труд.  Ова е од причина што после студирањето, полесно ќе можат да најдат работа.

Со цел младите да бидат повеќе упатени за тоа кои струки недостасуваат на пазарот на труд, неколку години наназад во Македонија се организираат обуки за дефицитарни занимања. Преку истите, се градат вештините и знаењата кај невработените лица и тоа токму тие кои што ги побаруваат работодавачите.