• Tue. May 14th, 2024

На местото на стариот пазар во центарот на Гевгелија ќе никне парк

Зелените површини ќе доминираат во центарот на Гевгелија. Тоа е одговорот на урбанистите на барањата на граѓаните на јавната презентација на Нацрт-ДУП-от на центарот на градот. Според новото урбанистичко решение, наместо деловно-станбен објект на местото на стариот пазар, ќе се уреди нов парк.

Исто така, зелените површини ќе се уредат и прошират, и тоа, пред зградата на Основниот суд, како и пред другите јавни и трговски објекти во центарот на Гевгелија.

Во Нацрт-ДУП-от не е предвидена подземна улица, бидејќи поради стариот канализационен систем под улицата „Маршал Тито“ изведбата на еден ваков зафат не е можна. Најголем број забелешки и барања од страна на граѓаните беа ставени на сообраќајниот метеж во градот и паркинг просторот. Особено ако се има предвид заложбата на урбанистите во центарот на градот, чиј опфат изнесува 15,5 хектари, да доминираат зелените површини.

За таа цел, во Општина Гевгелија веќе се подготвува тендер за изработка на Елаборат на сообраќајни решенија и паркирање во централното градско подрачје, кои ќе се бараат надвор од центарот на градот. Јавната анкета за ДУП-от за центарот на градот ќе трае десет дена, а сите заинтересирани граѓани и правни лица од подрачјето опфатени со Нацрт-ДУП своите забелешки, предлози и мислења можат да ги достават писмено на анкетни листови, кои можат да ги подигнат во Одделението за урбанизам на општина Гевгелија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *