• Fri. Nov 1st, 2024

Група од 11 лица шверцувала мигранти

мигранти

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение за 11 лица, кои шверцувале мигранти преку земјава. Тие ги преземале мигрантите од договорени локации на границата со Грција, во околината на Гевгелија и Дојран.

„Групата за меѓусебна комуникација користела телефонски апликации на мобилни телефонски броеви од македонски и грчки мобилни оператори преку кои го договарале пренесувањето на лицата – илегални мигранти од територија на Р Грција на територија на РС Македонија. Дејствијата ги извршувале преку илегалните премини на т.н. зелена граница“,

велат од Обвинителството.

Оттаму, ги превезувале до Кумановско-липковскиот регион.

„Таму, илегалните мигранти во организација на еден од обвинетите биле прифаќани, засолнувани и времено сместувани во објекти на неидентификувани лица, соработници и помагачи на организираната група, а потоа шверцувани преку територијата на Република Србија кон државите на ЕУ“,

посочуваат од обвинителството.

Кривичните дела кои се дел од ова обвинение се организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно дете и криумчарење мигранти.

Четворица обвинети, од кои еден е во бегство, се товарат како организатори односно дека ја организирале и поттикнале групата.

Меѓу деталите што ги споделува Обвинителството е и тоа дека еден од обвинетите бил вработен во автосервис, кој групата го користела за да ги сервисира возилата со кои биле шверцувани мигрантите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *