• Fri. May 10th, 2024

Зимското одржување на патиштата оваа сезона ќе чини осум милиони евра

Државните институции склучиле договори за јавни набавки со приватни фирми за механизација, работници, сол и ризла за одржување на улиците и патиштата во зимски услови за сезоната 2021-2022 година во вредност од половина милијарда денари (8 милиони евра), покажуваат податоците од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Како што се наведува во извештајот, досега се склучени 69 договори за зимско одржување на улиците и патиштата и за набавка на сол и ризла, а во 5 постапки за јавни набавки сè уште не е објавено известувањето за склучен договор.

Тендери за зимско одржување на улици и патишта имале 36 општини и Градот Скопје, 6 локални јавни претпријатија, државното јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје, АД Електрани и Министерството за внатрешни работи.

„Најголеми договори по вредност, како и претходните години, има Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта. За одржување на патиштата во зимски услови со ангажирање механизација и за набавка на сол и ризла, ова јавно претпријатие во оваа зимска сезона ќе потроши 317 милиони денари, односно 5,2 милиони евра. Ова е 65 % од вредноста на вкупните договори за зимско одржување во земјава. Ова претпријатие има вкупно девет договори за јавни набавки за оваа намена и тоа пет се склучени годинава, а четири се склучени 2020 година за период од 2 години.

Следна институција според вредноста на договорите за зимско одржување на улиците е Град Скопје, кој во 2021 година има склучено договори за чистење на улиците и за сол кои траат и оваа година, во вкупна вредност од 1,4 милиони евра, односно по околу 700 илјади евра годишно.

Сепак, покрај Градот Скопје, тендери за набавка на услуги за зимско чистење на улиците имале уште 9 други скопски градски општини. Тие, заедно со Градот Скопје имаат склучено договори за зимско чистење на улиците и патиштата во вкупна вредност од околу 1,5 милиони евра“, покажуваат податоците.

Од другите општини, пак, најмногу пари за зимско одржување планираат да потрошат Прилеп, Куманово и Струга. Прилеп – 195 илјади евра, Куманово 146 илјади евра и Струга 98 илјади евра.

Општините Тетово и Кичево, кои имаа најголеми износи за овој вид  договори претходната година, сè уште немаат склучено договори за оваа зимска сезона. Тендерот на Општина Тетово е поништен, а постапката на Општина Кичево е во тек.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *