Регион

„Здрава котлина“ најавува фронт против проблемот со депонијата кај Добрашинци

Проблемот со палењето на депонијата Добрашинци се најде на дневен ред на „Здрава котлина“. Движењето против отворање рудници во Југоистокот денеска објави дека отвораат фронт против проблемот со депонијата Шапкар. На нивната фејсбук страница е објавено видео на кое се гледа чадење од правец на депонијата, но и подолг текст во кој ги образложуваат своите барања. Активистите велат дека депонијата секојдневно гори и загадува, но досега на овој проблем не било пристапено сериозно. Бараат надлежните институции да реагираат, а тие во меѓувреме ќе објавуваат видеа со запалената депонија. Велат дека доколку не се преземе конкретна активност во насока на спречување на натамошно палење на депонијата, тие ќе организираат јавни настани, дискусии, протести.

Горењето на депонијата Шапкар кај Добрашинци е повеќегодишен проблем. Јавното комунално претпријатие Комуналец, кое е надлежно за депонијата има поставено чуварска служба за спречување на намерно палење на депонијата. Сепак, честопати таа е цел на палења од човечки фактор, особено поради тоа што во околината има движења на луѓе поради фарми, но и собирачи на отпад. Од Комуналец велат дека депонијата сепак, најчесто се самозапалува особено кога се повисоки температурите.

Според нив решавањето на депонијата бара вклучување на сериозни средства, како што беше планирано со отворањето на регионалните депонии. Шапкар би требало да стане современа фабрика за сортирање и преработка на отпадот во Југоистокот, но, нејзиното основање сега е во рацете на државата, откако Југоисточниот плански регион пред неколку години не успеа да се договори со австриската компанија АСА.

Препорачуваме:

Учениците од основното општинско училиште „Никола Вапцаров“ реализираа заедничка активност со поддршка од општина Струмица

16 роднокрајни поетски средби по повод Светскиот ден на поезијата

Ѓ. K.

Завршува рокот за поднесување на ГДП- околу 30.000 граѓани од југоистокот ги пријавиле дополнителните приходи

Dimitar Micev