Македонија Регион

Становите поскапуваат, градежната активност не се намалува

Во изминатите три месеци цените на недвижностите во државава се зголемиле за 21,2 отсто во однос на истиот период минатата година. Недвижностите летово биле поскапи и во однос на претходните три месеци, и тоа за 4,7 отсто, покажуваат податоците од Народна банка.

Во периодот од април до јуни годинава цените на становите имаа зголемување од 16,5 отсто на годишно ниво, а во однос на претходниот квартал тоа зголемување е 6,8 отсто.

Раст на годишно ниво забележан е и во првите три месеци од 2022 година и тоа за 12,4 отсто.

Ниту градежната активност не е намалена. Според податоците на Државниот завод за статистика, кои претходно беа објавени, во септември годинава се издадени 318 одобренија за градење, што е за 28,2 отсто повеќе во однос на истиот месец минатата година.

Најмногу одобренија за градење се издадени за високоградба и тоа 184. За нискоградба издадени се само 35 одобренија. За реконструкција на објекти се издадени само 99 одобренија.

Според податоците, во овој период предвидена била изградба на 618 станови и тоа на 56 849 квадратни метри.

Во скопскиот регион најатрактивна во овој период од годината била Општина Гази Баба, каде ќе се градат 196 станови.

Во Македонија, пак, од општините со поголем број станови за градење се Струмица со 87, Гевгелија со 86, во Гостивар ќе се градат 76, а во Дебар 40.

Препорачуваме:

Течности и витаминска терапија за децата болни од настинка, грип па и ковид

Интервју со Ване Ристов: Струмица е подготвена за карневал

Поскапеа бензините и нафтата, кои се новите цени?