• Sat. May 18th, 2024

Разбојници во Италија ископале тунел под банка и се заглавиле па повикале полиција на помош

Банда ограбувачи на банки била принудена да ја повика римската полиција на помош за да ги извлече од тунелот кој самите го ископале, но пропаднале при грабежот, кој најверојатно лошо го испланирале, објавија денеска италијанските медиуми.

Припадниците на спасувачката служба во четвртокот вечерта околу 20 часот од урнатиот тунел извлекле повреден маж и го пренеле во болница, додека полицијата привела тројца негови соучесници во грабежот. Се претпоставува дека повикот за помош го испратил еден од разбојниците.

Членовите на бандата, двајца Римјани и двајца Наполитанци, го искористиле долгиот викенд среде Ферагосто, кога повеќето италијански бизниси се затворени, за да упаднат во банка и во околните бизниси.

Но, нивниот план не успеал бидејќи лошо го ископале тунелот до банката, кој се урнал, па биле принудени да повикаат полиција на помош.

„Помогнете, ве молам, дојдете да ме ослободите“, бил повикот на човекот до спасувачката служба откако се урнал тунелот што го ископал заедно со колегите.

Припадниците на спасувачката служба, вклучително и експерти обучени за помош по земјотресот, морале да ископаат втор, паралелен тунел за да помогнат.

Медиумите јавуваат дека за време на процесот на спасување на заробениот му биле дадени течности и кислород кои го одржувале во живот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *