Регион

Пет ветерници од Ветерниот парк „Дрен“ ќе се градат кај Миравци

Пет ветерници од Ветерниот парк „Дрен“ ќе се градат кај Миравци. Општина Гевгелија и издаде одобрение за градба на турската компанија „Калтун енерџи“ ДОО Скопје, за реализација на проектот Ветерен парк „Дрен“ во општините Демир Капија и Гевгелија.

Во рамките на проектот е предвидена изградба на десет ветерници на територијата на двете општини. Теренот е ридест, со надморска височина од 246 до 736 метри. Половината од Ветерниот парк, односно 5 ветерници се наоѓаат на територијата на Општина Гевгелија, во непосредна близина на Миравци.


            Искористувањето на ветерот, како алтернативен извор на енергија, претставува најисплатлива, најбрза за имплементација и најсовремена енергетска технологија, што нуди брзо и долгорочно елиминирање на штетните емисии во околната средина. Проектот за изградба на Ветерен парк „Дрен“ ќе даде придонес за зголемување на учеството на обновливите извори на енергија во влупното производство на електрична енергија. Со проектот се предвидува поставување на инсталации за искористување на силата на ветерот, заради производство на енергија, таканаречени фарми на ветер.
            Според инвеститорот, проектот ќе има позитивно влијание и ќе придонесе кон унапредување на снабдувањето на потрошувачите со електрична енергија и зголемување на стабилноста. Како обновлив извор на енергија, паркот на ветерни електрани индиректно ќе придонесе за намалување или редукција на емисиите на стакленички гасови и на другите загадувачки супстанции во воздухот што би се јавиле, доколку за производство на истото количество електрична енергија се користат необновливи извори.
           

 За реализација на проектот ќе бидат ангажирани фирми и работници за изградба, транспорт и одржување на ветерните електрани. Проектниот менаџер при турската инвестиција „Калтун енерџи“, Хусеин Зејнулах, информира дека сите подготовки за започнување на реализацијата на проектот веќе се направени. Општина Гевгелија веќе изврши измени и дополнувања на Програмата за комунален надомест, вклучувајќи ги ветерниците, а по издадено одобрение, од страна на инвеститорот веќе е платен и комуналниот надомест.

Препорачуваме:

Локализиран пожарот во Струмичко

Стојне Митева

Се судриле две возила, па удриле во паркиран автомобил во Струмица

Ѓ. K.

Едно лице загина во сообраќајна на патот Петралинци – Сарај

Стојне Митева