• Tue. May 21st, 2024

Не се увезени домати позитивни на пестициди, вели Агенцијата за храна

Агенцијата за храна и ветеринарство тврди дека не се увезени домати позитивни на пестициди. Како што соопштуваат од Агенцијата, пратките со храна се ставаат под специјален надзор додека со лабораториски наод не се утврди дека се безбедни за консумација.

Сомнеж за домати со недозволено присуство на пестициди изразија од ВМРо-ДПМНЕ, но, Агенцијата вели дека засега нема таков случај. Сепак, информираат, Агенцијата преку инспекторите веќе спроведува дополнителни, засилени контроли на местата каде што се продаваат домати од оператори што извршиле увоз од Република Албанија со цел утврдување на потеклото на доматите, односно дали станува збор за производ од увозно или од домашно производство и дали доколку се увезени, ја имаат потребната документација, која опфаќа и извршени лабораториски анализи.

Од почетокот на годинава досега земени и лабораториски тестирани се 63 мостри од зеленчук (домати, краставици, пиперки), од кои 26 мостри само од домати. Позитивни на пестициди се само две пратки, и тоа една со краставици од Албанија (небезбедно се уништени) и една пратка со пиперки по потекло од Албанија, која сè уште се наоѓа по официјален надзор, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.