Регион

Контејнери за стаклена амбалажа во Гевгелија

Контејнери за стаклена амбалажа во Гевгелија. Општина Гевгелија доби десет нови специјализирани контејнери за одложување на стаклена амбалажа. Градоначалникот на Гевгелија Поцков и директорот на Јавното претпријатие за комунални дејности – „ Комуналец“, Зумров потпишаа договор за примопредавање на новите контејнери со претставник од Германското друштво за интернационална соработка преку Отворен Регионален Фонд за Југоисточна Европа – Модернизација на општински услуги (ГИЗ ОРФ ММС), Александра Каревска –Димовска. Овој проект во Република Северна Македонија се реализира со поддршка на ЗЕЛС, на ПАКОМАК и на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ).

             „Денес за жителите на општината обезбедивме нови десет контејнери за депонирање на стаклен отпад. Заедно со веќе поставените 20 контејнери во изминатиот период, се трудиме  оваа услуга за граѓаните континуирано да ја подобруваме. Граѓаните ќе можат на 30 локации во населените места низ општината, да го депонираат овој претходно селектиран отпад. Забележуваме дека навиките за селектирање на овој вид на отпад не се на задоволително ниво, затоа сме сведоци на расфрлени шишиња низ улиците или покрај контејнеритеи покрај заложбите на комуналното претпријатие да ги расчисти.

Сигурен сум дека со вака подобрена инфраструктура, која планираме да ја надградуваме и во следниот период. Како и со зголемување на личната одговорноста од секој поединец ќе обезбедиме почиста и поубава слика за нашиот град и нашата општина.  Всушност со вклучувањето на Општината во овој проект, сакаме да ги вклучиме и нашите граѓани кон градење на одредени европските вредности. А, пред се создавање на навики за селектирање на стакло, хартија и друга амбалажа. Потоа, нивно депонирање во контејнери утврдени за оваа намена.

Ова, ќе биде еден вид и на заедничка подготовка за намалување на вкупните количини на отпад. Нив наскоро ќе ги депонираме во Времената депонија за комунален отпад. Потоа и во Регионална депонија, што значително ќе ни помогне во намалувањето на трошоците за депонирањето на отпадот. Затоа, во име на граѓаните се заблагодарувам за грантот на овие десет контејнери. Апелирам до граѓаните стаклената амбалажа да ја фрлаат само во специјализираните зелени контејнери на 30-те утврдени локации“. Ова го истакна градоначалникот на Општината Гевгелија, Сашо Поцков, по потпишувањето на договорот. Ја посетија една од локациите каде се поставени новите контејнери за стакло.

            На потпишувањето на договорите присуствуваше и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ. Таа информираше дека во рамките на Проектот учествуваат општини од три земји: Србија, Босна и Херцеговина и од нашата земја. Од Македонија на почетокот на проектот беа избрани две пилот – општини: Илинден и Штип, но по создадените услови ги приклучивме и  општини: Гевгелија, Битола, Тетово и Град Скопје. Освен создавање на соодветна инфраструктура на специјални контејнери за депонирање на стаклена амбалажа и  унапредување на собирањето  на отпад од пакување од стакло, целта на Проектот е и да се развијат соодветни бизнис модели што ќе бидат применливи и во останатите единици на локалната самоуправа. Перишиќ информираше дека  во сите општини, опфатени со Проектот ќе се мери количината на собраното стакло, со цел таа да биде зголемена, најмалку за 20% од досегашните количини и затоа посочи дека поддршката од граѓаните е најпотребна.

            На присутните се обрати и Златко Зумров, директорот на Јавното претпријатие за комунални дејности – „ Комуналец“, кој посочи дека комуналното претпријатие како нов сопственик на овие контејнерите ќе се грижи за нивно одржување и  ќе ги реализира сите потребни активности за исполнување на резултатите од Проектот за создавање на  одржлив бизнис модел за собирање отпад од пакување од стакло.

            За целите на Проектот говореше Александра Каревска –Димовска, претставник од ГИЗ ОРФ ММС. Воспоставување на економски вредносен синџир на рециклирање стакло во регионот е главната цел. Во таа насока се реализираат низа активности, меѓу кои: поставување на соодветна инфраструктура на контејнери за одложување на стаклото во пилот-општините; спроведување на кампања за едукација на населението за важноста од селектирање на стаклото; зголемување за 20% на собраните количини на стакло; потоа спроведување на обука за јавните комунални претпријатија  и  развивање на три бизнис модели за општините (урбан, рурален и ХОРЕКА ) што во следниот период ќе послужат како урнек за успешно управување со отпад од стакло.

            Проектот „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“ истовремено се спроведува во три држави: Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина и се реализира во 14 општини и градови. Проектот е финансиран од Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ) и компанијата ПАКОМАК (Македонија), во рамки на програмата за соработка со бизнис секторот DeveloPPP.de. Оваа програма (DeveloPPP.de) на Германското сојузно министерство за соработка и развој е насочена кон градење и развој на соработка меѓу јавниот и приватен сектор на локално ниво.

Препорачуваме:

Гевгелија бара полициски час

Сузана Мицева

Казината и обложувачниците си одат од училиштата

Стојне Митева

Ќе се опремуваат противпожарните единици во Југоистокот