Македонија

Димитров во посета на Латвија и Литванија

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров на 22 и 23 април ќе престојува во работна посета на Рига и Вилнус, соопштуваат од неговиот кабинет.

Во рамки на утрешната посета на Латвија, предвидено е вицепремиерот Димитров да оствари средби со министерот за надворешни работи Едгарс Ринкевичс.

Потоа со претставници на латвискиот парламент (Saeima) – Рихардс Колс, претседател на Комитетот за надворешни работи и Анда Вита Терауда, претседателка на Комитетот за европски прашања.

Во Литванија пак во петок, вицепремиерот Димитров ќе биде примен од премиерката Ингрида Шимоните. Исто така ќе оствари средба и со министерот за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис.

Димитров ќе се сретне и со Радвиле Моркунаите-Микулениене, заменик спикерка и претседателка на Комисијата за европски прашања во литванскиот Парламент (Seimas).

Балтичката турнеја на Димитров ќе биде заокружена со посета на Естонија во почетокот на мај. Таа е продолжение на серијата посети на Димитров во главни градови на ЕУ земји членки.

Како и во Германија, Словенија, Хрватска, Австрија, така и во овие две балтички земји, кои се дел од групата „Пријатели на проширувањето“, ЗПВ Димитров ќе разговара во контекст на нивната поддршка за европското досие на Северна Македонија.

На средбите Димитров ќе ја пренесе пораката за неодложната потреба од усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на земјата со ЕУ.

Како прашање од стратешки интерес за регионот и за Европа. За таа цел, ќе ги претстави и конкретните реформски чекори за исполнување на европската агенда дома.

Ќе бидат разгледани и областите за зајакнување на билатералната соработка за успешно спроведување на европските реформи преку конкретна техничка поддршка. Исто и продлабочување на регионалната соработка во областите од заемен интерес, изнаоѓање одговор на актуелните глобални безбедносни предизвици и интензивирање на економската и трговска размена.

Препорачуваме:

Од април секој работник ќе зема минимална плата од 20.175 денари

Сузана Мицева

Дизелот поскапува за два и пол денари, цените на бензините не се менуваат

Сузана Мицева

Доделени решенија за локални акциони групи