• Sun. May 12th, 2024

Без работа над 59 илјади работници

Во периодот од јануари до декември 2020 година во државава останале без работа дури 52.023 лица, покажуваат податоците објавени на сајтот на Агенцијата за вработување. На почетокот од минатата година во земјава имало 104.409 невработени, а на крајот на 2020 година оваа бројка се зголемила на 156.432 лица.

Од Агенцијата нагласуваат дека со состојба на 31.12.2020 година евидентирани се 17.026 невработени лица за кои престанокот односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот после 11.03.2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од ковид-19.

На почетокот од минатата година од вкупниот број на невработени лица во Скопје биле 18.432 лица, а на крајот на 2020 вкупниот број на невработени во Главниот град се искачи на 30.554 лица. Тоа значи дека бројката на невработени во Скопје од почетокот до крајот на ланската година се зголемила за 12.122 лица. Според возраста најмногу невработени лица има во старосната граница од 55 до 59 години (3.829), а најмалку до 19 години (717 лица).

Бројот на невработени на 31.01.2020 во Тетово изнесувал 12.668 лица, додека на 31.12.2020 оваа бројка се искачила на 20.163 лица или тоа значи зголемување на 7.495 лица.

Трет град каде што е забележана голема невработеност во текот на минатата година е Куманово. Според статистиката на почетокот на 2020 година во овој град како невработени биле регистрирани 11.996 лица, додека на 31.12.2020 година оваа бројка се искачила на 16.223, што значи дека без работа останале 4.227 лица.

На почетокот од минатата година од вкупниот број на невработени лица во Битола биле 4.880 лица, а на крајот на 2020 година, вкупниот број на невработени во Битола се искачи на 6.741 лице. Тоа значи дека бројката на невработени во Битола од почетокот до крајот на ланската година се зголемила за 1.861 лице.

Во Прилеп статистиката за ланската година вели дека има повеќе невработени лица од Битола. На почетокот на јануари имало 6.903 невработени лица, а на крајот на годината 9.084 лица. Бројката на невработени се зголемила за 2181 лице.

Во последниот извештај на Народната банка се посочува дека посочуваат дека здравствената и економска криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 се одразила врз пазарот на трудот.

„Во текот на вториот квартал од годината дојде до намалување на бројот на вработени лица (за 0,1 отсто, на годишна основа и за 1,7 отсто, на квартална основа). Сепак, намалувањето е релативно мало што во еден дел би можело да се поврзе со продолжување на активните мерки за вработување, како и со новите владини мерки за зачувување на работните места преземени во текот на кризата“, се вели во извештајот на Народната банка.

Во него се додава дека гледано по одделни дејности, најголемиот придонес кон падот на вработеноста имаат дејностите поврзани со „земјоделство, шумарство и рибарство“, потоа „објекти за сместување и сервисни дејности со храна“, „стручни научни и технички дејности“, „снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината“, „транспорт и складирање“ и дејности поврзани со „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“.

Во поглед на економскиот статус, падот на бројот на вработени се објаснува со категоријата „вработени за сопствена сметка“ и категоријата „неплатени семејни работници“.

Се очекува наскоро Агенцијата за вработување да ги објави податоците за бројот на невработени за периодот од 01.01 до 31.01.2021, по што ќе биде познато дали трендот на намалување на работните места од крајот на 2020 година продолжил и во почетокот на новата година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *