Заев: Од НАТО ги прифаќаме најсовремените безбедносни системи, покажувајќи дека ќе бидеме достоинствена членка

Премиерот Зоран Заев се сретна со Антонио Мисироли, помошник-генерален секретар на НАТО за безбедносни предизвици.

Потоа, тие двајца имаа и обраќања на Конференцијата на НАТО во Скопје посветена на дигитализација на Системот за управување со кризи преку имплементацијата на NICS (Следна генерација на Систем за управување со инциденти) во државава.

Како што информираат од владината прес-служба, Мисироли, во обраќањето изразил поддршка за евро-атлантските интеграции на Република Северна Македонија и ги охрабрил властите да продолжат со реформите во областа на безбедноста и владеењето на правото.

За системот NICS нагласил дека има за цел побрза размена на информации меѓу институциите, а со тоа и резултати како во мирот и безбедноста, така и во спасувањето животи на граѓаните.

Премиерот изразил благодарност за целосната поддршка за дигитализација на системот за управување со кризи, којашто се реализира со финансиска поддршка преку Програмата на НАТО „Наука за мир и безбедност“.

„Тоа е посебно ветар во грбот за нас како држава, да одговориме со сериозност во динамиката на реализација на проектот. Сакам да нагласам на самиот почеток, дека како следна 30-та земја членка на алијансата, сме сериозни во намерите да бидеме достоинствена членка, со тоа што, со ваша помош и поддршка одговорно се поставуваме во чекор и со најновите и најсовремените безбедносни системи“, порачал Заев во обраќањето.

извор:makfax

Related posts

УХМР: Април беше еден од најтоплите во последните 30 години

Православните верници денеска слават втор ден Велигден и Ѓурѓовден

Почина Никола Проески – татко на музичарот Тоше