• Sat. Jun 15th, 2024

Спојувањето предмети отвора нови проблеми во образованието

ByВане Трајков

Apr 21, 2023

Новиот концепт за основно образование на шестооделенците ќе им донесе помалку предмети за учење. Ова создава ризик за работните места и платите на учителите, како и помалку стекнато знаење за децата, велат синдикатите. Бирото за развој на образование смирува, наставниците нема да бидат отпуштени, објави Дојче веле на македонски јазик

Вселена, сончев систем и планети, планетата Земја, читање на глобуси, воздушната, водената и копнената обвивка на земјата, природни фактори и појави поврзани со географијата. Ова се темите кои до сега шестооделенците по два часа неделно ги изучуваа по предметот географија.

Со новиот концепт на образование од наредната учебна година децата од географијата ќе учат само за вселената и сончевиот систем. Тоа е делот од наставната програма за предметот природни науки во кој покрај едната тема од географијата се вклучени и други теми од други предмети. На пример од хемија ќе се изучуваат теми во делот својства и промена на супстанци, потоа од биологија, градба на органи и органски системи кај човекот и грижа за животната средина. Од физика ќе учат за темите сили, движења, електрицитет и магнетизам.

Физика и хемија според старата програма не беа предвидени во шесто одделение. Но, во погорните одделенија како седмо и осмо за овие четири предмети беа предвидени осум часа неделно. Сега со новата програма во шесто одделение е предвидено овој предмет „природни науки“ да биде застапен со 3 часа во неделата.