Свет

Се копа масовна гробница во близина на опколената болница во Газа: „Телата се распаѓаат, мораме“

Палестинците затекнати во најголемата болница во Газа денеска ископаа масовна гробница за да ги закопаат пациентите што починаа во израелските напади и рекоа дека нема план за евакуација на бебињата и покрај тоа што Израел објави понуда за испраќање преносливи инкубатори.

Израелските сили ја опколија болницата „Ал Шифа“ во градот Газа за која велат дека се наоѓа над подземниот штаб на милитантите на Хамас.

Хамас, владејачката исламистичка група во Газа, го негира присуството на борци и вели дека 650 пациенти и од 5.000 до 7.000 други раселени цивили се заробени во комплексот на болницата под постојан оган од снајперисти и беспилотни летала. Се вели дека 40 пациенти починале во последните денови, вклучително и три предвремено родени бебиња, чии инкубатори беа исклучени по прекинот на струјата.

Пет недели откако Израел вети дека ќе го уништи Хамас како одмазда за прекуграничниот напад на милитантите, судбината на опколената болница стана фокус на меѓународна тревога, вклучително и од најблискиот сојузник на Израел, САД.

Ашраф ал-Кидра, портпарол на Министерството за здравство на Хамас во Газа, со кого „Ројтерс“ телефонски контактира во комплексот на болницата, рече дека внатре има 100-ина тела во фаза на распаѓање и дека нема начин да се извлечат.

„Планираме да ги закопаме денес во масовна гробница во медицинскиот комплекс ‘Ал Шифа’. Тоа ќе биде многу опасно бидејќи немаме никакво покритие или заштита, но немаме друга опција бидејќи телата на мачениците почнаа да се распаѓаат“, изјави тој за „Ројтерс“.

„Мажите копаат додека зборуваме“, додаде тој.

Триесет и шест бебиња останаа во неонаталното одделение откако три починаа. Без гориво за генераторите за напојување на инкубаторите бебињата беа чувани наредени осум во кревет.

Израел денеска објави дека нуди преносни инкубатори на батерии за да може бебињата да се преместуваат. Но, Ал Кидра рече дека досега не се преземени договори за да се изврши таква евакуација.

„Немаме ништо против бебињата да бидат преместени во која било болница, во Египет, на Западниот Брег или дури и во окупациските (израелски) болници. Она за што најмногу се грижиме е благосостојбата и животот на тие бебиња“, рече тој.

Израел негира дека болницата е под опсада и вели дека неговите сили им дозволуваат на оние внатре да си заминат. Лекарите и службениците во болницата велат дека тоа не е точно. „Ројтерс“ не можеше самостојно да ја потврди ситуацијата.

Препорачуваме:

Зеленски е подготвен да разговара за Крим и Донбас

Либанскиот хаос може да предизвика нова мигрантска криза

Сузана Мицева

СЗО: Пандемијата создаде глобална ментална здравствена криза

Сузана Мицева