• Sun. Jun 16th, 2024

СЕММ и ЗНМ: професионално и одговорно известување за Парадата на гордоста

Во пресрет на Парадата на гордоста, што ќе се одржи на 29 јуни во Скопје, Советот за етика во медиумите (СЕММ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги повикуваат медиумите да известуваат професионално и одговорно, третирајќи ги темите што ја засегаат ЛГБТ заедницата низ призма на афирмација на човековите права и осудувајќи го говорот на омраза и дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Mедиумите да не дозволат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за упатување повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството.

„Потсетуваме на Препораката на Советот на Европа од 2010 за борба со дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет, според која земјите – членки треба да преземат соодветни мерки за борба против сите феномени на изразување, вклучително и во медиумите и на Интернет, за кои што со право се смета дека ќе имаат ефект на поттикнување, ширење или промовирање на омраза и други форми на дискриминација на ЛГБТ лицата. Таквиот говор на омраза треба да биде забранет и јавно отфрлен секогаш кога ќе се случи.

Во исто време, медиумите ги потсетуваме на Декларацијата за етичко и професионално известување за теми поврзани со ЛГБТИ на Коалицијата Маргини, Советот за етика во медиумите, Здружението на новинари на Македонија и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиуми, чии принципи се следниве:

1. Нестереотипизирачко известување за ЛГБТИ
2. Воздржување од и осуда на говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет или која било припадност на историски и општествено маргинализирана група
3. Известување за жртвите на насилство и дискриминација обоено со емпатија и солидарност
4. Непарцијално известување за активностите на ЛГБТИ заедницата и активистите за човекови права во рамки на целокупната општествена, политичка и културна сфера, почитувајќи ги нивниот личен интегритет, мислење и активности
5. Вклученост на гласовите и перспективите на ЛГБТИ луѓето и активистите за нивни права, во прилози поврзани со теми кои директно ги засегаат, како и настани и проблеми кои го засегаат целокупното македонско општество
6. Почитување и имплементација на одлуките и препораките на еснафските, саморегулаторните и регулаторните тела и здруженија поврзани со заштитата и почитувањето на човековите права на ЛГБТИ
7. Сензитивизација на медиумските работници за известување за теми поврзани со ЛГБТИ и
8. Соработка со граѓанските здруженија кои се застапуваат за правата на ЛГБТИ, преку размена на информации кои ќе овозможат интегрален и непарцијален приказ на проблемите кои ги засегаат ЛГБТИ.

Оттаму додаваат дека од медиумите очекуваат да ги отстрануваат коментарите од посетителите на нивните веб-страници и на социјалните мрежи, кои содржат повици за насилство, навреди и говор на омраза за сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Исто така наведуваат сите регистрирани случаи на кршење на професионалните стандарди во известувањето на медиумите да се пријавуваат до СЕММ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *