• Sat. May 11th, 2024

Промовиран романот „Пренапрегнат“ на Стојан Мадевски

Промовиран романот „Пренапрегнат“ на авторот Стојан Мадевски. Во издание на Градската библиотека „Благој Јанков Мучето“ излезе од печат првиот роман на Мадевски, во кој според рецезентите се трага по рамнотежата во хаосот на егзистенцијата и опкружувањето.

-Во романот посебно ме плени таа потрага по рамнотежата во хаосот на егзистенцијата и опкружувањето, борбата помеѓу суштественото и наметнатото од  бурите на секојдневието. Големиот француски писател Марсел Пруст ќе каже: Има толку нови светови, колку и уметници. Но, дури и кога творецот создава целосно нова слика за животот само од сопствената фантазија, тој и тогаш доведува на светлината на денот живот и свет, личности и настани. Од приказни сме составени ние луѓето, приказна е сето човечко паметење и во приказна завршува животот на секој од нас. Така и авторот на книгата Пренапрегнат создава една своја приказна за љубовта, верата и надежта. Троичноста на трите врвни добродетели на човековото битие, суптилно понирајќи во главните ликови на романот, го прави вистинска приказна за вистинскиот живот, оној што е конечно пронајден и доведен на виделина,  оној единствениот од нас вистински живеен живот, вели резентката и уредник Гонца Запрова Анастасова.

 -Во структуралната природа на надежта, на површина испливува хоризонтот на очекувањата. Очекувања во надоаѓање. Секогаш останува дека надежта надоаѓа; таа има за цел, самата, да ги порамнува оние случувања што се неразделно создавачки. Можеби тоа е така поради тоа што на надежта, доколку таа не е само месијански или душевен концепт, ѝ е предодредено надоаѓањето, преобразувањето или новото востановување на душевната состојба на очекување. Овој ракопис, со брзо и динамично сиже, е предаден на еден суптилно искрен творечки начин; на едноставен, јасен и разбирлив јазик, вели рецезентката Милкица Масева.

Издавач на романот е ЛУБ„Благој Јанков Мучето“ од Струмица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *