• Fri. May 10th, 2024

Од денеска се отворени граничните премини без задолжителни тестови или обврска за изолација

Земјава од денеска ги отвора граничните премини без задолжителен тест за Ковид-19 и обврска за самоизолација или државен карантин во рок од 14 дена.

Ова значи дека сите домашни и странски државјани ќе можат да транзитираат низ Македонија.

Претходно Владата донесе протокол за непречен транзит на странски државјани, со кој се утврдува дека државјаните на други земји кои транзитираат низ македонска територија можат да го направат тоа во рок од најмногу пет часа, пренесе Макфакс.

Сепак, македонските државјани засега ќе може непречено да патуваат само во Србија, Албанија, Косово и Турција, а на официјална одлука за патување во земји членки на ЕУ сè уште се чека.

Покрај Словенија, Бугарија и Црна Гора, сега и Хрватска реши да го ограничи пристапот за нашите граѓани. Таму е воведена мерка за двонеделна изолација за македонскиоте државјани кои ќе решат да патуваат во Хрватска, а мерката се должи на растот на новозаболени од коронавирус во земјава.

Грција засега останува на планот за отворање на границите на 1 јули, но, сепак, не се исклучуваат и можни промени со оглед на тоа дека планот се ажурира во координација со европските власти.

Владата одлуката за отворање на границите ја донесе во координација со Комисијата за заразни болести, а исто така е решено дека од 1 јули ќе биде отворен аеродромскиот сообраќај во Скопје и Охрид.

Премиерот Оливер Спасовски претходно рече дека отворањето на границите не е политичка одлука поврзана со претстојните избори, туку дека е одлука која се базира исклучиво на епидемиолошките анализи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *