• Thu. May 16th, 2024

На матичните лекари ќе им се зголеми капитацијата

На матичните лекари ќе им се зголеми капитацијата, најави министерот за здравство, Венко Филипче. Колку точно ќе изнесува „инфузијата“ во примарното здравство, ќе биде обелоденето идната недела, на заедничка прес-конференција со директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев.

Капитациониот бод (износот што го добиваат од Фондот за здравство) за општите лекари сега изнесува 55 денари, а се определува според бројот и возраста на пациентите.

– Крајно време е капитацијата да се зголеми, бидејќи уште од 2016 година, кога бодот беше покачен на 55 денари, износот не е корегиран. На средбата што ја имавме сега пред празниците ни беше навестено дека за нас зголемувањето ќе биде од октомври, со почеток на исплата од следната година, а дека за матичните стоматолози ќе важи  од јуни годинава. Наскоро ќе видиме што е прецизирано. Ние, матичните лекари, не сме задоволни со сегашниот износ на бодот, бидејќи секаде во јавното здравство се покачија надоместоците за дежурства, на пример, а примарното здравство е единствено каде има неограничени влезови на пациентите, а бодот стои во место.  Здравствениот денар треба подеднакво да се троши – порачува д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на РМ.

Во врска со тоа за колку би се зголемила капитацијата, од Здружението велат дека уште претходно се изјасниле дека зголемување од 5 отсто е недоволно.

– Бидејќи уште од пред 3 години не е направена никаква корекција кај нас, а во јавното здравство два пати се зголемија платите по 10 отсто. Барем да го следиме  чекорот со платите, зашто не може да постигнеме со овие примања да им ги зголемиме платите на медицинските сестри, како што е во јавното здравство, и тие гледаме дека си заминуваат од ординациите. Второ, ние со години сме исплатувани наназад, бараме и во тоа да бидеме изедначени и исплатата на капитацијата од Фондот за здравство да биде месец за месец. На страна што сите реформи во овие 27 години ние ги спроведовме со наши средства, а за сиот тој период донации има само во јавно здравство, а ништо во приватното – нагласува д-р Чолакова Дервишова.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *