• Fri. May 17th, 2024

Македонска банкарска асоцијација: Недoстапни се услугите на банкомати или во трговија со картичките Visa и MasterCard

ByЃ. K.

Jul 27, 2023

Дел од услугите на нашите членки-банки, поврзани со картичните брендови Visa и МasterCard се недостапни – на банкомат или во трговија, соопшти денеска Македонската банкарска асоцијација која обединува повеќе банки во Македонија. До соопштението доаѓа откако денеска на банкоматите на дел од банките или во трговијата граѓаните не можеа да подигнуваат парични средства или да плаќаат услуги.

-Во име на членките на Македонската банкарска асоцијација, ве информираме дека во моментот кога соопштението се подготвуваше и испраќаше дел од услугите на нашите членки, поврзани со картичните брендови Visa и МasterCard се недостапни – на банкомат или во трговија. Како и досега, средствата на клиентите на банките се достапни во сите експозитури и филијали, се наведува во соопштението на МБА.

Членките на Македонската банкарска асоцијација се во интензивна комуникација со картичните брендови Visa и MasterCard, и од досегашните анализи може да се каже дека причината за проблемот не е поврзана со националните телеком оператори, ниту со поединечните системи на банките.

-По добивање покомплетни сознанија, јавноста навремено ќе биде известена од страна на Македонската банкарска асоцијација, се наведува во соопштението.

Според сознанијата, во моментов не функционираат македонските картички ниту во странство.

Неофицијално, се работи за сериозен дефект, односно изгубена е врската со главниот провајдер.

By Ѓ. K.