• Mon. May 20th, 2024

Компаниите да ги искористат поволностите за соработка со грчките партнери

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија за економски прашања, Кочо Анѓушев, заедно со директорот на Царинска Управа на Република Северна Македонија, Ѓоко Танасоски и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, остварија средба со бизнисмени и деловни луѓе од овој регион. 
На средбата се зборуваше за мерките за поддршка на конкурентноста на домашните компании од Планот за економски раст, за важноста од меѓуграничната соработка помеѓу граѓаните и компаниите од двете земји, а се разменија предлози и размислувања за надминување на одредени проблеми на кои посочуваат претставниците на бизнис заедницата. По завршување на средбата премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев дадоа кратки изјави за медиумите.
„Драго ми е што толку многу луѓе од Гевгелија и гевгелискиот регион беа денеска присутни и на средбата заедно со директорот на Царинската Управа на Северна Македонија, Ѓоко Танасоски и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, за да разговараме за она што е актуелна проблематика на деловната заедница, а секако и за перспективите што се отвораат за целата наша земја, и посебно за овој регион. Со Договорот од Преспа се отвораат сериозни перспективи за нашето членство во ЕУ и НАТО што има сериозен и директен импакт за деловната заедница, за бизнисите, за домашното производство и извозот. Во гевгелискиот регион ова треба да биде неколкукратно мултиплицирано затоа што првиот импакт од пријателството со Грција доаѓа токму овде“, изјави премиерот Заев.
Премиерот Заев посочи дека на средбата беа презентирани сите можности и перспективи што се отвораат на располагање преку отворање на нови фондови, преку ИПА компонентата и европските фондови. Станало збор и за новата можност за отворање на фондовите од Грција кои се вкупно околу 200 милиони евра од кои за нашата земја се околу 80 и 90 милиони евра, алатка којашто Грција ја употребувала до 2005, а којашто сега повторно се отвора на што административните служби од двете земји работат.
„Информиравме за сите мерки за поддршка на конкурентноста на компаниите кои оваа година се усовршени. Сакаме да поттикнеме што поголемо нивно користење. Нашата цел е овие определени пари од буџетот да ги искористат бизнисмените и фирмите, малите и средни претпријатија па и поголемите, заради тоа што на тој начин компаниите се стекнуваат можност за повеќе профит, што потоа носи развој на компаниите и раст на платите на вработените, како и отворање на нови работни места и намалување на невработеноста. Трендовите се отпочнати, јас верувам дека ќе бидат се поголеми“, нагласи премиерот Заев.
Тој додаде дека финансиската состојба и ликвидноста на државата се одлични и дека компаниите треба да ги користат мерките и можностите што државата ги отвора за нивниот развој.
„Она што се отвора како можност со Грција треба посебно овој регион, но и цела држава, да го искористи како можност. Прво заради зголемена трговија, обем на производство, пласмани во Грција, нови инвестиции од Грција во Северна Македонија, или заеднички инвестиции кои треба да се случат и многу други можности кои се отвораат“, рече премиерот Заев и додаде дека на тој начин, меѓу другото, ќе растат БДП, извозот на домашното производство, работните места и платите.
Средбите со стопанствениците се од клучно значење при креирање на економските политики бидејќи само така ќе имаме реален увид и сознание за економијата и за проблемите со кои се соочуваат, истакна вицепремиерот Анѓушев кој посочи дека поврзувањето на гасоводот ќе даде простор за нови проекти и ќе го намали трошокот на компаниите и граѓаните.
„Тука во Гевгелија имавме еден добар пример за компанија што има добиено средства и проект што е веќе во имплементација. Јас ги охрабрувам сите да аплицираат затоа што оваа година државата има детерминирано 47% повеќе средства од минатата година. Тоа значи дека оваа година има над 60 милиони евра државни средства за економијата односно за мали и средни претпријатија. Денеска дел од разговорите со стопанствениците се однесуваа на оваа тема. Ги информиравме, ги запознавме и ги поттикнавме. Ова е првпат во поновата историја на државата компаниите да имаат можност за директна помош од државата”, изјави вицепремиерот Анѓушев.
На средбата со стопанствениците, градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков изрази благодарност до Владата на Република Северна Македонија за разбирањето и поддршката во решавањето на некои многу важни прашања не само за економскиот, туку и за целокупниот развој на општината.Пред се, помошта од 61 милион денари за враќање на наследениот долг. Со оваа помош и сопствени средства од општинскиот буџет долгот од 143 милиони денари е, главно, вратен, односно остануваат за враќање уште само 20 милиони денари.Како резултат на оваа поддршка, вратени се надлежностите наа Основниот суд во Гевгелија, доделениот германски грант од 2,5 милиони евра е пред реализација. Во оваа прилика сакам да информирам дека како општина, меѓу овие две средби, ги решивме капиталните еколошки проекти, од кои многу зависи и локалниот економски развој.На пат сме да ги обезбедиме и другите предуслови кои треба да овозможат реализација на веќе најавените нови инвестициони проекти, рече Поцков.
Обраќајќи им се на гевгелиските бизнисмени, директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија, Ѓоко Танасоски, како посебно значајна за овој регион, ја пренесе информацијата од состанокот со раководството на Грчката царинска управа, одржан во вторникот во Атина, и нагласената заинтересираност за поголеми олеснувања во граничниот промет, посебно на преминот Богородица-Евзони. За таа цел од грчка страна било предложено воведување на овој најфрекфентен граничен премин на приоритетна лента за акцизна стока и поголеми транспорти со што значително би се олеснил транспортот од и до Солунското пристаниште. Разговаравме ваквите олеснувања во иднина да се применуваат и во патничкиот сообраќај, рече Танасоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *