• Sat. May 11th, 2024

Ковачевски: Со новата водоводна мрежа во Богданци овозможуваме подобар квалитет на живот за сите граѓани

ByВане Трајков

Jun 12, 2023

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод означување на почетокот на реконструкцијата на водоводна мрежа во Богданци. На настанот, заедно со премиерот присуствуваа и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, градоначалникот на Богданци Блаже Шапов, како и претставници од изведувачите и надзорот на овој проект.

Со реконструкцијата на водоводната мрежа, се предвидува замена на старите азбестни цевки од повеќе од 50 години со нови модерни цевки, како и замена на постоечките водомери со нови современи мерни инструменти.

Изведбата на овој проект чини над 4 милиони евра, со рок на изведба 40 месеци. Со реализацијата на овој проект ќе се обезбеди квалитетна и чиста вода за пиење за домаќинствата во Богданци и околината.

„Денеска овде заедно со вас, го означуваме отпочнувањето на реконструкцијата на системот за водоснабдување во Општина Богданци, исклучително важен проект за оваа општина со што ќе се обезбедат здрава вода за пиење, намалување на финансиските загуби и воведување на високи стандарди за управување со водите во Богданци. Ова е еден од најголемите инфраструктурни проекти за водоснабдување што е целосно финансиран со домашни, буџетски средства, а во неговата имплементација вклучуваме модерни технологии. Дополнителна вредност на проектот е што парите повторно ќе се вратат назад бидејќи ќе работат домашни компании, со тоа што и материјалите кои се вградени се од компании, едни од најреномираните европски производители на цевки тука од овој крај, како и градежни компании кои работат на проектот. Се грижиме за секоја педа од нашата држава, се грижиме за потребите на граѓаните секаде и секому подаваме рака каде што е потребно. Ова го докажавме и преку нашата постојана грижа и во сите населени места низ државата, каде обезбедуваме услови за рамномерен регионален развој“, истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање на денешниот настан во Богданци.