• Fri. May 17th, 2024

Коалиција за заштита на децата кон Родовата платформа: До вчера жртви-денес џелати

Коалицијата за заштита на децата сметаат дека обидот да се дискредитираат професорот Андоновски и епископот Јаков е линч на личноста и дрска цензура. Коалицијата настапи со сериозни критики во одбрана на ставовите на говорниците на трибината „Зошто НЕ за сексуалното образование во училиштата“?

Еве ја нивната реакција:

Шарените платеници видно се вознемирија по успешната трибина околу воведување на контроверзното сексуално образование, на која главни говорници беа Викарниот Епископ Стобиски г.Јаков и универзитетскиот професор д-р Венко Андоновски, и каде јасно и гласно беа обелоденети и разобличени нивните стратегии за идеолошка индоктринација на децата преку ширум отворената врата во образованието и законодавниот дом.

Првата реакција на Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини, Ена Бендевска од Хелсиншки Комитет итн. повторно им беше „Црквата да одјебе“.

Но, откако видоа масовно споделување на трибината на социјалните медиуми, вчера имаа итен состанок со нивната платформа за т.н. „родова еднаквост“ (ХЕРА, Маргини, Хелсиншки…), и напишаа реакција, каде што категорично велат, цитираме:

Во секуларна држава, мислењето на Црквата е нерелeвантно во креирањето на политиките за родова еднаквост.

Според овие пропагатори на родовата идеологија, црквата и верниците не смеат да го искажат јавно своето мислење за општествени прашања кои ги засегаат сите жители и сите деца во државава, дури ни во домовите на култура, кои им припаѓаат на СИТЕ жители на државата. Според нив, верските лица смеат да зборуваат за општествени феномени само внатре помеѓу ѕидовите на нивните верски објекти и ниту еден чекор надвор од нив! Надвор од верските објекти смеат да проповедаат само атеистите и само виножитните платеници.

Тоа не е секуларизам, туку цензура!

Не, драги наши, тоа не е секуларизам. Тоа е цензура. Тоа е комунистички режим, како оној на Сталин и Мао Це Тунг, кои заедно убија 100 милиони луѓе, 50 пати повеќе од сите крстоносни војни заедно. Тоа е директно кршење на Уставот на Македонија, кој во член 16 гарантира слобода на говор, јавен настап, јавно изразување и јавно информирање на СИТЕ граѓани, а тоа секако ги вклучува и верските лица. Уставот за верските лица не важи само меѓу ѕидовите на верските храмови, туку на секој еден метар квадратен во рамките на територијалните граници на Македонија.

Што е секуларност?

Секуларност значи дека сите верски заедници се еднакви пред законот, дека државата не фаворизира ниту една религија или верска заедница и дека верските лица не смеат да влијаат директно во законодавството на државата, која е татковина на сите луѓе без разлика на нивните верувања, неверувања или идеолошки убедувања.

Демократијата, во која главниот постулат е слободата на говорот и јавното информирање, и тоа како им дава право и на верските лица јавно да проговорат за општествени теми, кои директно ги засегаат сите луѓе во државата, па и нивните сопствени деца. Верските лица се претставници на повеќе од 92% од жителите во Македонија. Пола од овие (46%) се жени.

До вчера жртви, сега џелати

Внимавајте, господинот Јаков е Викарен Епископ од најголемата верска заедница во Македонија (МПЦ-ОА) и сепак не влезе во Собрание да говори. Од друга страна пак, овие 22 шарени невладини организации, иако претставуваат минијатурен процент на луѓе кои се убедени во нивната родова идеологија, сепак си имаат и своја интерпартиска парламентарна група во Собранието, директно се мешаат во менување на законите, а Мила Царовска подмукло и непотистички ја вметна нејзината невладина ХЕРА во државното образование, која без јавен дискурс и со нула транспарентност, дрско го менува образованието на СИТЕ деца во државава.

Е, па не може повеќе така. Затоа јавно повикуваме на:

  • Исправување на кичмата на сите заспани верници во државава
  • Владеење на правото за сите луѓе во државава
  • Ослободување на државното образование од идеолошката индоктринација на невладините организации ХЕРА, Маргини и др.
  • Државата да превземе мерки против сите невладини организации и институции кои го кршат член 16 од Уставот и јавно повикуваат на цензура.
  • Министерството за труд и социјална политика да се извини за клеветата дека на горе посочената трибина имало говор на омраза и јавно да го осуди јасниот говор на омраза на сите што пишуваа „Црквата да одјебе“. Иако Царовска повеќе не е министер во ова министерство, за жал истото сè уште е заложник на нејзините политики.