• Mon. May 20th, 2024

Излеани реки, поплавени домови и отсечено село по обилните дождови во Македонија

ByВане Трајков

Jun 17, 2023

Во изминативе 24 часа од Центарот за управување со кризи известуваат за излеани помали реки низ државата по обилните дождови. Инциденти со поплавени патишта и свлечишта на пат се евидентирани во неколку градови и села во североисточна и северозападна Македонија.

Крива Река и Киселичка Река се излеаја и предизвика големи штети, однесени се пешачки мостови, поплавени се домови на граѓаните. Општина Крива Паланка повика на смиреност по новонастанатата состојба и излевањето на долови и делови од Крива Река.

Крива Паланка вчера беше зафатена од силно невреме по што дојде до нагло зголемување на водостојот на Крива Река, Домачки Дол и Киселичка Река. Од зголеменото ниво на Крива Река дојде до излевање и поплавување на брегот.

Отсечено е селото Т‘лминци со 20 жители, од надојдената река преку мостот. Надојдени се водите на Куков Дол. Кај место викано „Над Базен“ има излевање на водата на Крива Река. На патниот правец Крива Паланка – село Луке“ од синоќа сообраќајот е целосно во прекин во двата правци поради свлечиште.

Во Општина Старо Нагоричане надојдена е и реката Пчиња кај Пелинце.