• Sat. May 18th, 2024

За Денот на независноста бесплатен влез во музеите, галериите и локалитетите низ цела држава

ByЃ. K.

Sep 7, 2023

Под мотото „Гласник на слободата“, го славиме 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија.

Министерството за култура се приклучува кон централната прослава, организирана од Владата, со многубројни пригодни манифестации. Под насловот „Отворен ден за граѓаните“, на 8 септември ќе бидат отворени за посета, со бесплатен влез, повеќе културни установи, музеи, галерии и археолошки локалитети.

Музејот на македонската борба за самостојност подготвува посебна мултимедијална програма со слободен влез за сите посетители.

Од 10 до 14 часот на повеќе локации во Музејот ќе бидат презентирани „Видеоприказни од музејската архива“.

Во 12 часот, гудачкиот квартет „Луј“ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје ќе одржи концерт на кој ќе бидат изведени дела од Равел, Дворжак, Пјацола и други.

Посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат и изложбата „Темелник на државноста“.

Во 20 часот на платото пред Националната опера и балет ќе се одржи концерт на познати оперски арии.

Во Кинотеката во 18 часот ќе биде прикажан еден од најтрофејните македонски документарни филмови, „Медена земја“, во режија на Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов.

Во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Исцелител“, кој е прв дебитантски долгометражен филм на режисерот и сценарист Ѓорче Ставрески.

Театарот за деца и младинци, една од омилените институции во државава, кај Школката во Градскиот парк во Скопје, во рамки на програмата од 11 до 14 часот, за својата верна публика ќе ја изведе претставата „Гига Мега бајка“, во режија на Хана Миленковска, дело на Горјан Милошевски (по мотиви од Ш. Перо).

На 8 септември влезот ќе биде бесплатен на археолошките локалитети и институции: „Стоби“, „Херaклеја“, „Баргала“, Мегалитската опсерваторија „Кокино“, Меморијалниот центар „АСНОМ“ – Пелинце, потоа „Куќата на Робевци“ во Охрид, црквата „Свети Спас“ во Скопје, Музејот на отворено во Тумба Маџари во Скопје, Музејот за тутун и „Участокот“ во Прилеп, Турската пошта и Галеријата на икони во црквата „Свети Петнаесет Тивериополски маченици“ во Струмица, Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево, Спомен-куќата на Мајка Тереза, Археолошкиот музеј – Скопје, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Природонаучниот музеј, Музејот на современата уметност, Националната галерија на Северна Македонија – Даут-пашиниот амам и Чифте амам, Уметничката галерија во Тетово.

Вратите ќе бидат отворени и во заводите и музеите во Охрид, Битола, Прилеп, Струмица и во Штип; во музеите во Струга, Куманово и во Гевгелија, во Историскиот музеј во Крушево, во Музејот на Тетовскиот крај, како и во Музејот на албанската азбука – Битола и во Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево.

Ги покануваме граѓаните да дојдат во нашите институции и заедно да го одбележиме Денот на независноста.

By Ѓ. K.