• Sun. May 26th, 2024

Заев: Нема веќе чекање по шалтери, потребните документи од судовите за неколку минути

Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за правда Бојан Маричиќ и претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која ги претставија резултатите од процесот на системска дигитализација на судството.
 
Во оваа пригода премиерот Заев истакна дека дигитализацијата е меѓу врвните приоритети со кои се затвораат одделни теми од владината „Акција 21“ и „Европа дома“ и порача дека овој процес треба да биде приоритет за сите министри, директори, градоначалници, како и за сите одговорни луѓе во правосудството и другите општествени дејности кои вршат сервиси за граѓаните.
 
„На овој начин граѓаните заштедуваат време и пари. Нема повеќе чекања по шалтери ниту патувања по други градови за да се добие документот. Од денес по електронски пат ќе се вади потврда од казнената евиденција. Набрзо ќе се почне и со услугата за потврда за кривична, како и уверение дека против лицето не е изречена санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност. Сите овие уверенија им се потребни на граѓаните за вработување, доколку сакаат да добијат виза или работа во странство, како доказ дека немаат сторено кривично дело. Дополнително, доколку некое лице сака да се јави на тендер, ќе мора да има ваква потврда. Сите овие нови услуги ќе бидат достапни на сајтот е-услуги“, истакна премиерот.
 
Со ова, како што рече, заминуваат во историја постапките за вадење на потврди од казнена евиденција во хартиена форма за кои беше задолжително физичко присуство во надлежниот суд според местото на раѓање.
 
„Со приклучувањето на судовите на Националниот портал за услуги, граѓаните повеќе немаат потреба да губат по неколку часа за да го подигнат документот што им е потребен, туку сега го добиваат за три минути. Овие потврди се првите електронски документи создадени согласно закон, кои ги издава судската власт. Со оваа активност судот започна да ја применува регулативата на ЕУ, односно нејзината национална транспозиција со Законот за електронските документи, електронската идентификација и доверливите услуги и со тоа се приклучи во практичната примена на Националната платформа за интероперабилност. Пресметките се дека со воведување на овие услуги, судовите ќе направат заштеди изразени во милиони евра, кои ќе можат да ги инвестираат во генерално подобрување на нивната работа“, истакна премиерот Зоран Заев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *