• Sun. May 12th, 2024

Доларот стабилен, цената на нафтата паѓа по три недели раст

ByЃ. K.

Jul 17, 2023

На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути е стабилна, откако минатата недела падна за 2,3 отсто.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 99,94 поени, додека во петокот навечер беше 99,96 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута ослабе од 138,80 на 138,55 јени.

Но, американската валута благо зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,1223 долари, додека во петокот вечерта беше 1,1227 долари.

Зајакнувањето на еврото во однос на доларот е благодарение на проценките дека разликата во каматните стапки меѓу САД и еврозоната ќе се намали бидејќи ФЕД наскоро ќе го заврши циклусот на зголемување на каматните стапки, додека Европската централна банка најверојатно ќе продолжи да ги зголемува.

Цените на нафтата, од друга страна, паднаа по три недели раст, бидејќи инвеститорите беа разочарани од податоците на кинеската економија, најголемиот светски увозник на нафта.

Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се лизна за 0,93 отсто, на 79,13 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 0,91 отсто, на 74,74 долари.

By Ѓ. K.