• Sun. May 19th, 2024

Додека ги чекаат резултатите, граѓаните кои се тестираат за коронавирус ќе бидат во задолжителна самоизолација

Ќе се воведува задолжителна самоизолација за сите граѓани кои се тестирале за Ковид-19, а чекаат резултати, пренесе Макфакс.

Владата на вечерашната седница го задолжила Министерството за здравство да подготви и за наредната седница на Владата да достави предлог – уредба со законска сила која правно ќе се нормира прашањето во однос на воведување на задолжителна самоизолација за сите граѓани кои вршат тестирања за Ковид-19, најмалку до моментот на добивање на резултатот, согласно епидемиолошката анкета.

Досега, во јавноста имаше големи реакции во делот на тоа дека голем број граѓани кои се тестирале за присуство на коронавирусот, резултатите ги чекале со денови, а во меѓувреме се појавувале на работните места и слободно се движеле. Тие одеа во самоизолација само доколку се покажеше дека тестот за Ковид-19 им е позитивен.

Таков беше случајот и со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој додека ги чекаше резултатите од тестот за Ковид-19, ја пречека владината делегација во Куманово, заедно со членовите на Кризниот штаб.

Утредента се откри дека Димитриевски е позитивен на тестот, исто како и 10 претставници од штабот, по што во самоизолација мораа да одат премиерот Оливер Спасовски и министрите Венко Филипче, Бујар Османи и Арбр Адеми.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *