• Wed. May 15th, 2024

Денеска е родена Маргарит Дирас – Сто години страст

Маргарит Дирас, е француска писателка, режисерка и сценаристка. Позната е по пишувањето длабоки романи, преполни со лични, автобиографски приказни. Беше мажена со францускиот писател Роберт Антелм. Во текот на Втората светска војна станале дел од Движењето на отпорот. Нејзиниот сопруг е депортиран во бухевалд, поради помагањето на отпорот, каде што едвај преживува.  

Маргарит и Роберт во 1939г.

Марагрит Дирас е родена како Маргерит Донадје (Marguerite Donnadieu), на 4 април 1914 година во Сајгон, Француска Индокина (денешен Виетнам), каде што нејзините родители работеле како професори. На млада возраст од 17-18 години, Дирас се преселила во Франција, каде најпрвин студирала математика, но набрзо се префрлила на политичките студии, а потоа на правото.

Во 1943 година, Дирас го објавила својот прв роман „Бесрамници (Les Impudents)“, а потоа напишала уште неколку дела во стилот на американските реалисти. Во 1950 година излегол нејзиниот нов роман „ Брана против Пацификот“ (Un barrage contre le Pacifique)“ во кој се раскажува за нејзината младост во Индокина. Романот обилува со автобиографски елементи и во него првпат се претставени ликовите и настаните кои подоцна ќе бидат дел од нејзиниот најпознат роман „Љубовникот“. „Браната против Пацификот“ остварил огромен успех, а подоцна, врз основа на него бил снимен филм во режија на Рене Клемен (Renè Clement), кој, исто така, постигнал голем успех.

Потоа, Дирас се повлекла надвор од очите на јавноста, по што следувала низа од 17 романи, од кои најголем успех доживеале: „Сквер (Le Square)“ (1955), „Moderato Cantabile“ (1958) „Попладнето на господинот Андемас (L’après-midi de M. Andesmas)“ (1962), „Грабнувањето на Лол В. Стајн (Le Ravissement de Lol V. Stein)“ (1965), „Вицеконзул (Le Vice-Consul)“ (1966) итн. Сите тие означувале чекор напред во нејзината ориентација да навлегува длабокот во психолошката состојба на ликовите. Со објавувањето на романот „Moderato Cantabile“, Дирас започнала да го негува стилот кој во Франција бил познат како „нов роман (le nouveau roman)“. Истовремено, покрај романите, Дирас пишувала и драми и филмски сценарија, кои постојано постигнувале успех кај публиката и критиката. Во тој поглед, особено се истакнуваат дијалозите што таа ги напишала за познатиот филм „Хирошимо, љубов моја(Hiroshima mon amour)“ на режисерот Alain Resnais. Покрај тоа, Дирас е автор на околу петнаесет филмови, од кои најголем успех доживеале „Moderato Cantabile“ и „India Song.

Светската слава, Дирас ја стекнала со краткиот роман „Љубовникот“, објавен во 1984 година, кој набрзо остварил огромен тираж во Франција, продавајќи се не само во книжарниците, туку и на трафиките по автобуските и железничките станици. Така, набрзо по издавањето, романот бил продаден во тираж од 250.000 примероци, нешто што одамна не било забележано во Франција. Исто така, романот се продавал одлично и во странство: Во САД, пет големи издавачки куќи веднаш започнале борба за правото за превод на романот на англиски јазик, а во Италија, за кратко време, книгата била продадена во 35.000 примероци.
Покрај големиот комерцијален успех, романот наишол на одличен прием кај книжевната критика. Така, познатиот критичар, писател и член на Академијата „Гонкур“, порачувал дека „треба наглас да се читаат најубавите делови на Љубовникот.“ Како резултат на поволните критики, на 12 ноември 1984 година била објавена веста дека Дирас е добитникот на Гонкуровата награда – највисокото литературно признание во Франција.[5] По добивањето на наградата, во желбата да избега подалеку од очите на јавноста, Дирас се повлекла во селото Кабур (Cabourg) во Нормандија, во кое еден дел од животот поминал и Марсел Пруст.

Последните години ги минува во друштво на младиот поет-хомосексуалец Јан Андреа Штајнер, кој со години ѝ пишувал писма, по неколку пати на ден. Од почеток, Маргерит го туркала од себе, а потоа, во 1980 го прифатила и останале заедно во нејзината куќа на француското крајбрежје. Три години пред нејзината смрт, Јан го објавува своето дело „М.Д.“, а во 1999 година и книгата „Таа љубов“, романсирана биографија за последните години од животот на Маргерит Дирас, опишувајќи ги понекогаш тешките и неподносливи состојби на писателката, алкохолните кризи, паранојата, хоспитализацијата, деменцијата, но секако и радоста на секојдневниот живот, излегувањата на лимонада и танцувањето. Книгата стана и филм во која главната улога ја игра долгогодишната пријателка на Дирас, Жана Моро.

Маргерит Дирас умира од рак на грло, во Париз, на 3 марта 1996 година. Погребена е на гробиштата Монпарнас.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *