• Mon. May 13th, 2024

Утре почнува завршницата од Евро сребрената лига во Струмица

Турција Македонија Никола Ѓеоргиев квалификцаии

Македонската одбојкарска репрезентација очекува пласман во финалето на завршниот турнир од Европската сребрена лига што се игра утре и задутре во салата „Парк“ во Струмица.

Прв противник на нашите одбојкари во првата полуфинална средба е репрезентацијата на Хрватска и со победа репрезентативците ги отвараат вратите на финалето.

Капитенот Никола Ѓорѓиев очекува златен медал.

-Нашата цел е освојување на Сребрената европска лига. Имаме квалитет и тоа го покажавме на натпреварите во групите каде завршивме убедливо на првото на место. Утре прв противник ни е Хрватска. Во моментот сме подобри од нив, но се ќе зависи од нас и од играта којашто ќе ја прикажеме. За нас многу значи присуство на публиката во салата и затоа сме многу среќни, бидејќи нашата струмичка публика ја знае и ја препознава одбојката и се надевам дека ќе биде наш седми играч, рече капитенот Ѓорѓиев.

Либерото Дарко Ангеловски додава дека атмосферата во репрезентацијата е победничка и во Струмица очекува продолжување на победоносната серија од турнирот во Данска.

-Утре одиме на победа. Хрватите се прва пречка до финалето и се надевам дека в недела ќе го чекаме победникот од натпреварот меѓу Данска и Унгарија. Не се плашиме од противниците. Се плашиме самите од себе зашто ако еден киксне тогаш не ни оди на сите, но очекувам да ни тргне на сите. Од овие репрезентации може најмногу да ни спротивстават Унгарците. Според мене, најмногу ни одговара финале со Данска, бидејќи добро се знаеме со нив. Тие имаат страв од нас, по убедливите 3:0 на нивниот терен. Првиот противник, репрезентацијата на Хрватска е млада репрезентација, со двајца искусни одбојкари на примачките позиции, но ние влегуваме во натпреварот за да победиме, изјави Ангеловски.

Првиот полуфинален натпревар меѓу Македонија и Хрватска почнува утре во 17 часот, а во вториот, во 20 часот, силите ќе ги одмерат репрезентациите на Данска и Унгарија. Финалниот натпревар се игра в недела со почеток во 20 часот, а претходно е мечот за бронзениот медал.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *