• Sat. May 18th, 2024

Масовниот спорт во Гевгелија со зголемен број учесници и одзив кај публиката

ByЃ. K.

Feb 27, 2024

Минатата година, Гевгелија беше центар на масовниот спорт со учество на илјадници спортисти од целата земја и странство. Пред сѐ, како резултат на поддршка од Општина Гевгелија, преку спортските здруженија од подрачјето на Општината. Голем придонес за развојот на масовниот спорт имаше третата по ред атлетска седмоноемвриска трка November run, во организација на Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија. Од година во година, трката ја надминува бројката на учесници од државата и од другите странски земји, а со своето реноме придонесе Гевгелија да се афирмира наддалеку. Посебно значајно на минатогодишната трка November run, е нејзиното проширување: освен трките на 5 и 10 км. во машка и женска категорија, за првпат беше организирана и инклузивна трка во којашто учествуваа лицата со попреченост и детските трки во различни категории.

За Гевгелија да биде град на масовниот спорт, придонесоа и спортското дефиле „Гевгелија на точак“ во организација на Здруженијата на граѓани „Чејнџмејкерс“ и „Гевгелија Точак Клуб“, коешто се организираше по повод општинскиот празник 7 Ноември, со голем број точкаџии коишто учествува во дефилето. „Гевгелискиот велотлон“ во организација на АМД „Дичо Панов“- Гевгелија и „Гевгелија Точак Клуб“, исто така, ја впишаа Гевгелија како центар на масовниот спорт со голем број учесници кои се натпреваруваа во возење велосипед, совладување препреки и трчање по ридска патека.

Не изостанаа и традиционалните и нововостановените турнири: успешно беше оддржан Првиот меморијален турнир во мал фудбал „Никола Гелебешев“, организиран од страна на ЗГ Навивачка група „Фантоми Север“- Гевгелија. ЗГ „КМФ Млади Миравци“ и ЗГ „Ангелов“- Богородица успешно ги организираа традиционалните Турнирот „КМФ Млади Миравци“ и Меморијалниот турнир „Мирче Костов“, со учество на голем број екипи од Гевгелија и регионот. Во областа на кошарката, се одржаа повеќе настани и натпревари, како Меморијалниот турнир во баскет „Иван Пенов“ и Меморијалниот турнир во кошарка „Боби Петков“, на којшто учествуваа младински селекции до 18 години од државата и од странство.

Шахот повторно се врати на гевгелиската спортска сцена, како резултат на Шаховскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија и организираните брзопотезни турнири, Здружението на слепи лица со Меѓународниот турнир во шах за слепи лица и Меморијалниот шаховски турнир „Венци Попов“. Белег во развојот на спортот, исто така, оставија Турнирот во тенис „Крупа Опен“ во организација на Тениски клуб „Круна“- Гевгелија, настапите на домашната и интернационалната сцена на Танцовиот клуб „Мистик денс“- Гевгелија, двете планинарски друштва „Кожуф“ и „Двете уши“ со голем број планинарски маршеви и искачувања, Карате клубот и училишните спортски клубови.
За првпат во 2023 година, на подрачјето на општина Гевгелија беше одржано и првото издание на Атлетската крос-кантри трка Punk’s Backyard Ultra, којашто се одржа на локацијата Негорски Бањи. Трката, на којашто учествуваа над 60 тркачи од повеќе земји, беше во организација на Асоцијација за промоција и управување со проекти и настани во планиско трчање и други планински спортови „ТРЕКС“ од Скопје, а во соработка со Општина Гевгелија, Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија, АМД „Дичо Панов“- Гевгелија и други помагатели.

Општина Гевгелија беше присутна и на натпреварувачките домашни лиги во фудбал, кошарка и ракомет преку настапите на Кошарскарскиот клуб „Кожув“- Гевгелија, како и новоформираниот кошаркарски клуб „Гевгелија“, Фудбалскиот клуб „Кожуф“, Женскиот ракометен клуб „Гевгелија“- Гевгелија и Машкиот ракометен клуб „Партизан 2016“- Гевгелија.

By Ѓ. K.