• Sat. May 18th, 2024

Документарецот ЛУКА на Ице Виранов ќе биде прикажан на МАКЕДОКС

ByЃ. K.

Aug 17, 2023

Документарниот филм Лука во продукција на Здружение за култура Транзен и во режија на Ице Виранов, ќе биде прикажан на 14. фестивал за креативен документарен филм Македокс. Филмот претходно ја освои специјалната награда за „придонес во разоткривањето на ефектите од алтернативниот уметнички креативен пристап наспроти конвенционалниот живот“, на 18. Интернационален филмски фестивал Астерфест.

Филмот ЛУКА го прикажува животот на група млади музичари од Струмица, кои во кризни времиња за опстојување на алтернативната културна сцена, се борат да најдат начини за израз на својата музичка креативност и иновативност. Во времиња на бесконечна општествена транзиција, младите уметници се принудени да бараат алтернативни патишта за творење и презентирање на својата авторска уметност, а истовремено му пркосат на потрошувачкиот свет во кој владее „Тезгата“ како евтин и брз начин на практицирање култура, свет кој има негативно и погубно влијание врз развојот на автентичната и чиста авторска креација.

Во филмот се развива бунт против светот на конзумеризам, во кој културните и арт продукти се сервираат на брз и евтин начин, свет во кој владее Фаст артот и во кој вредностите се заменуваат со ѓубре и остатоци од капиталистичката брутална пропангандистичка епидемија на сомнителни вредносни скалила. Во една спротивна насока на современите услови, нашите млади музичари го одбираат обратниот пат. На еден начин тие потсеќаат на дадаистичките уметници во Европа од почетокот на дваесетиот век кои вреснаа против лажните светски вредности. Денеска во уште полицемерно општество на изместени вредности, нашите музичари создаваат инструменти и звуци од отпад и ѓубре. Како некои алхемичари, го преобразуваат грдиот свет со нова убавина, мизеријата на транзициските градови пак, ја покриваат со смислата на креацијата.

Инструментите кои ги создаваат во своите ателјеа и импровизирани студија, наликуваат и на ликовни дела, на скулптури, нѐ навраќаат на времињата кога народниот анонимен гениј сам си ги создаваше четките и боите за да наслика слика, кога музичарот сам си го правеше инструментот за да го произведе звукот на својата музика.

By Ѓ. K.