• Sat. May 18th, 2024

Во Скопје се роди бебе во „водена обвивка“ – редок феномен што се случува еднаш во 80 000 породувања

На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, наделава се случи несекојдневно породување. Станува збор за медицинско чудо и редок феномен – раѓање во амнионска обвивка, што се случува еднаш во 80 илјади породувања, соопшти Министерството за здравство.

Бебето родено во „водена обвивка“ дојде на свет со помош на д-р Елена Ѓоргиевска-Николовска, гинеколог, која заедно со својата колешка д-р Катерина Николоска, со царски рез ја породиле трудницата која носела близнаци.

„Како гинеколог-акушер со 18-годишно работно искуство на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, имав прилика заедно со мојата колешка д-р Николоска да породиме пациентка во термин со близначка бременост со царски рез, при што, по породувањето на првото бебе, почна породувањето на второто бебе со „водена обвивка“. Целата екипа во хируршката сала во еден момент беше изненадена од овој природен феномен, и покрај големиот број породувања кои ги правиме секојдневно. Навистина, тогаш сфаќаме колку е совршена природата и како ги создала совршено сите работи“, вели д-р Елена Ѓоргиевска-Николовска.

Во текот на бременоста бебето е сместено во матката на мајката, во обвивка која се нарекува „амнионска обвивка“, исполнета со течност, која го штити од бактерии и вируси од надворешната средина во текот на неговиот развој. Обвивката ги поддржува постелката и папочната врвца да ги извршуваат своите функции – да донесат кислород и хранливи материи од мајката кон бебето. На овој начин се развива бебето и преживува заштитено во стомакот на мајката.

извор: Макфакс

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *