Во пораст бројот на заболени од Ковид-19, можни рестрикции за невакцинираните
Во пораст е бројот на заболени од Ковид-19 во државава. Податоците што ги објави вчера Институтот за јавно здравје за претходното деноноќие покажуваат дека при направени 3.593 тестирања се регистрирани 47 нови случаи на Ковид-19, како и дека оздравеле 14, а нема починати пациенти. Бројот на активни ковид случаи изнесува 359 од кои 130 се во Скопје.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера оцени дека во насока на заштита на населението ќе нема друга можност освен да воведат некаква форма на рестрикција и оти е разговарано и дополнително ќе се разговара за мерки кои би се однесувале на невакцинираните. За конкретни мерки, најави министерот, ќе разговараме подетално во август.
– Видовме во изминативе години што значи да нема вакцина за една болест, какви рестрикции, полициски часови итн., гледаме и следиме примери и од другите земји, има приватни компании кои едноставно сакаат вработените да им се вакцинирани за да може нормално да функционира работниот процес, а ние ќе го штитиме јавното здравје со тоа што евентуално би вовеле такви мерки таму кај што има можност за масовни собири, јавни настани, можеби влез за некои јавни места итн, нагласи Филипче.
Во овој момент, посочи, имаме највисока стапка на вакцинација споредено со многу земји во регионот, па дури и во овој дел на Европа.
– Искрено верувам дека така и ќе продолжиме. Околу 33 илјади жители во Битола се вакцинирани, од тоа 23 илјади се ревакцинирани. Тука вакцинацијата ќе продолжи во Здравствениот дом, кој сега веќе е целосно реновиран, сите простории се опфатени вклучувајќи ги вакциналните пунктови. И изминатава недела имаме прилично висок процент за вакцинација што сметам дека е многу добро и се надевам дека така и ќе продолжи, рече Филипче.