Свет

Албанија најголеми резерви на нафта и гас

Премиерот Рама и министерката Балуку тврдат дека во нафтеното поле Шипраг во Албанија се откриени огромни резерви на нафта и гас. Тоа сѐ уште не е потврдено од компанијата „Шел“ која вложи стотици милиони долари и десет години во истражувања.

Албанија има пристап до големи енергетски извори што ќе ѝ овозможат да произведува „значителни количества“ нафта и гас. Тоа е капацитет што може да ја амортизираат енергетската криза во цела Европа.

Ова завчера го најави премиерот Еди Рама при посетата на Холандија. Подоцна го потврди министерката за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку.

– Албанија ќе може да произведува важни количества нафта и гас. „Шел“ работи во Албанија некое време и со нетрпение ги очекуваме резултатите од истражувањето. Ќе биде големо откритие – изјави Булаку.

Најава за „важно откритие“ даде и премиерот Рама по средбата со својот колега Марк Руте од Холандија. Тоа е и земјата во која е регистрирана компанијата „Шел“.

Ни премиерот ни министерката признаа дека од „Шел“ немаат добиено детали ниту податоци за заклучоците од истражувањата, но и Рама и Булаку изразија убедување дека вестите ќе бидат позитивни. Министерката Булаку дури и додаде дека новооткриеното поле содржи 40 отсто гас и 60 отсто нафта.

Историјата на истражувањата

Британско-холандскиот гигант „Ројал Дач шел“ и малезискиот „Петронас“ пред десет години добија дозвола да ги истражуваат потенцијалните резерви во нафтеното поле Шипраг во јужниот дел на Албанија, околу истоимената планина. Полето било откриено уште во 2001 година од компанијата „Осидентал петролеум“, чии истражувања покажале дека не е рентабилно да се експлоатира нафта.

Десетина година подоцна „Шел“ и партнерите решија да спроведат потемелни истражувања. Вложија десетици милиони евра во дупчење четири експериментални бунари длабоки и до 6.000 метри. Компанијата „Манас петролеум“ во 2012 година го продупчил бунарот „Шипраг 2“, а „Шел“ целосно ги презел активностите. Во 2016 година ги продупчил експерименталните бунари Шипраг 3 и 4. Во последниот извештај досега, во 2019 година, компанијата потврди дека „потенцијално откритие на нафта“, но не наведе дали ќе вложи уште средства за понатамошни истражувања.

Нафта во Албанија е откриена пред речиси еден век. Но, не се откриени нови наоѓалишта веќе 60 години. По отфрлањето на комунистичкиот режим во 1991 година, неколку глобални нафтени компании вложија многу средства и енергија во потрага по нафта. И на брегот и на морското дно во албанските територијални води, без позитивни резултати.

Откритијата на плитки резервоари, на длабочина од само неколку стотини метри, за некои експерти биле сигнал. Сметале дека се всушност канали од многу поголем резервоар што се наоѓа многу подлабоко. Експерти од „Манас“ и од „Шел“ процениле дека полето Шипраг има нафтен потенцијал еквивалентен на големите полиња „Вал Д’агри“ и „Темпа Роса“. Тие беа откриени во Италија во 1989 година. Од овие полиња во Италија денес се експлоатираат по околу 50.000 барели нафта на ден.

Албанија е најголемиот производител на сурова нафта во регионот Западен Балкан, но ни од далеку не го извлекува целосниот потенцијал на резервите од фосилни горива.

– Албанија е една од најбогатите земји со јаглеводородни резерви во Европа. Од 2004 година се потпишани 16 договори за истражување и производство на нафта и гас. На „Банкерс петролеум“ му припаѓаат 90 отсто од производството на сурова нафта . Ова го објасни Е. Шаке од АЕА. Во интервју од 2017 година тој истакна дека Албанија извлекува полза само од 2 отсто од произведената нафта. Бидејќи инвеститурите не успеале да ги минимизираат трошоците за експлоатација.

– Овој факт сведочи не само за лоша подготовка и спроведување, туку и на слаби механизми за инспекција. Но, и следење и контрола на јавните претпријатија – укажа тогаш Шаке.

Албанија денес произведува близу 23.000 барели нафта на ден. Со што е на 78 место меѓу глобалните производители на нафта Албанија експлоатира годишно по 4.9 отсто од своите докажани нафтени резерви. Што значи дека би ги исцрпила сите резерви за 20 години. Од произведената нафта, 20 отсто се за домашните енергетски потреби, а се извезува по 18.300 барели на ден.

извор: слободен печат

Препорачуваме:

Лукашенко прв на листата Најкорумпирани политичари 2021

Меркел: Европа е на тенок мраз во борбата против Ковид-19, „делта“ сојот закана за напредокот

Во Германија повторно затворено училиште поради инфекција на коронавирус

Сузана Мицева