• Tue. May 14th, 2024

Запалено стрниште е најверојатно причината за пожарот во близина на село Фурка

Запалено стрниште е најверојатно причината за пожарот во близина на село Фурка.

Екипите што вчера цело попладне гасеа во атарот на ова дојранско село велат дека сомнежите се дека пожарот почнал од човечко невнимание, односно палење на стрништата во полето. Септемвриските високи температури и ветрот што честопати се јавува во реонот Дојран-Богданци-Гевгелија создаваат услови за ширење на шумски пожари.

Вчера пожарот почна околу пладне, а поради ветрот што дуваше од југоисточна страна брзо се прошири и кон непристапните планински предели кон селото Казандол.  Екипи на територијалните противпожарни единици од Валандово и Гевгелија, доброволното противпожарно друштво од Дојран, како и екипите на шумските претпријатија од Валандово и Гевгелијаго гасеа пожарот, а околу 15 часот во гасењето се приклучија и два авиона на Дирекцијата за заштита и спасување.

Пожарот до 18 часот е локализиран и спречено е понатамошно ширење. Од утрово екипи повторно се на терен, но, информациите се дека пожарот е ликвидиран.