• Mon. May 20th, 2024

Заедно против климатските промени

Граѓанските здруженија заедно против климатските промени. Ваква порака испратија учесниците на денешната работилница од областа на климата и екологијата. Настанот се одржа на зум-платформата во рамките на Националната конференција за клима.

Ана Чоловиќ-Лешоска, директорка на „Еко-свест“, посочи дека 2021 година ќе биде пресудна за многу законски иницијативи и затоа треба да се зајакне членството и да се зајакат капацитетите на дејствување. „Се надеваме дека 25-те членки на Коалицијата за клима до крајот на годината ќе се удвојат“-рече Чоловиќ-Лешоска.

Неколку граѓански организации чиј фокус на работа е екологијата, климатските промени, шумарството споделија во кој домен работат и заеднички донесоа заклучоци како во иднина во рамките на Коалицијата за клима треба да дејствуваат. Коалицијата за клима е формирана во јуни 2020 година, а за нејзините досегашни активности зборуваше Елена Николовска од „Еко-свест“.

Сите се согласија дека заемното врежување и соединување на човечки капацитети ќе помогне за силна граѓанска средина која ќе може да влијае и врз донесувањето одлуки на државата.

Мора да се обрне внимание и поголем фокус и врз едукацијата на децата и младите, посочи Маја Марковска од „Милиеуконтакт Македонија“.

-Треба да ги научиме младите дека само со заедничка акција, можеме да направиме нешто повеќе за климатските промени – вели Марковска.

Коалиција за клима, Архус-мрежа, Платформа27, ова се дел од граѓанските мрежи отворени за соработка, кои се активни и кои заеднички настапуваат во реализација на повеќе проекти од климатските промени.

Еден од партнерите на „Еко-свест“ во реализацијата на Националната конфренција за клима, е CNVP, чиј фокус на работа се шумите, како еден од најважните екосистеми за зачувување на биодиверзитетот и ублажување на климатските промени, како и локалниот економски развој, CNVP е присутна на Балканот со канцеларии во Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, БиX и во Србија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *